Мигрант кој се движел во група од вкупно 12 сопатници почина откако и по укажаната помош и исечената нога не преживеа за да стигне до скопските клиники. Железничката несреќа се случила околу 40 минути по полноќ во близина на станицата Криволак, потврдија од полицијата.
Мигрантите се движеле по пругата, кога товарен воз налетал на групата. 6-мина луѓе биле повредени, од кои тројца потешко. Најтешко повредениот мигрант итно бил префрлен во велешката болница и му била ампутирана левата нога.
Веднаш потоа со Итна помош требало да биде префрлен на скопските клиники, но не издржал и починал по пат. Останатите 5 повредени се згрижени во болниците во Велес, Неготино и Кавадарци. 6-мината неповредени мигранти се префрлени во регионалниот Центар во Гевгелија.
Полицијата изврши увид за да се утврдат причините за несреќата. Немало поголем застој на железничкиот сообраќај.
Мигрантите на балканската рута се уште често патуваат покрај пругата во Македонија за да ги избегнат полициските контроли и полесно да стигнат до границата и да продолжат кон западно европските земји.
Патувањето покрај пругата е ризично и ова не е прв случај со загинати или повредени мигранти кои бегаат од државите на средниот Исток или од Африка.
