Киев, Варшава, Даблин и Берлин беа новите збирни места на белоруските државјани кои излегоа на протести , гневни од авторитарниот однос на претседателот Лукашенко и неговата пресметка со младите опозиционери. На белоруските државјани во солидарност им се придружи и локалното население. Бараат да се ослободи активист и новинар Роман Пратасевич и неговата девојка, кои беа уапсени пред седум дена на аеродромот во Минск, откако Лукашенко нареди авионот на Рајанер, кој леташе од Атина кон Вилнус, да се приземји во Минск, заради наводна дојава за бомба. На протестот во Варшава беа и родителите на уапсениот Пратасевич. Побараа помош од меѓународната заедница да се ослободи нивниот син.
Ги молам сите земји на ЕУ, ја молам Америка, ја молам целата меѓународна заедница да ни помогне. Помогнете ни да го ослободиме Роман, да ја ослободиме Софија (девојката на Роман), и сите политички затвореници. Ве молам да го притиснете овој граѓанин (Лукашенко) кој ја узурпира власта. Помогнете ни да ја ослободиме нашата земја, моли мајката Наталија Пратасевич.
Во Киев се собраа илјадници поддржувачи на белоруската опозиција. Многумина го удираа портретот од Лукашенко со папучи, а некои носеа постер од него споредувајќи го со Адолф Хитлер. Тукашните Белоруси велат дека во странство полесно можат да го искажат гневот.
Немаме многу можности ваков протест да одржиме дома. Затоа многумина одлучија да го привлечат вниманието на другите земји, да им кажат дека сите живееме на една планета, и во истата Европа, изјави демонстрант од Белорусија.
За главната ривалка на Лукашенко, Светлана Тихановскаја, која живее во прогон во Вилнус, ова е само почеток кој пред една година не можел ниту да се замисли. Се чини дека ваквиот начин да се привлече вниманието на меѓународната заедница и успева на белоруската опозиција. САД, заедно со Европската унија, подготвуваат санкции против клучните членови на белоруската влада. Лукашенко, кој е познат во светот како последниот диктатор, ја има поддршката само од Путин, кој пак му порача да не се грижи за меѓународните санкции кои според него се само излив на емоции. Протестите во Белорусија почнаа на 9 август минатата година, по претседатлските избори на кои победи Лукашенко освојувајќи 80% од гласовите. Следуваа апсења и брутални судири со полицијата, која не бираше средства да ги повреди демонстрантите.
Алиса Шутиноска
