Вести Ковид19 Свет Топ вести

Мелбурн се враќа во карантин шест недели

Кратко траеше радоста во Австралија, која прва прогласи победа над вирусот. Пет милиони жители на Мелбурн се враќаат во фазата „седи дома“, која ќе трае шест недели, поради наглото зголемување на бројот на заразени. Граѓаните со посебна дозвола нема да смеат да ги напуштаат домовите, освен за купување на храна, одење на работа, физичка активност и посета на лекар. Нема друга алтернатива, според властите, во спротивно ќе се појават илјадници и илјадници нови инфекции.

Треба да ни стане јасно дека ова не е завршено. И да се претвараме дека е, бидејќи сите сакаме да заврши, не е одговор. Навистина е дел од проблемот, многу голем проблем. Имаме шанса да го промениме со нашите одлуки, како се однесуваме, и како се враќаме. И затоа тимот за јавно здравје ме советуваше да ја вратам фаза 3 – мерката „остани дома“, соопшти премиерот на сојузната држава Викторија. 

Австралија утринава јави за 191 нови случаи на заболени, што е највисока бројка на континетот од почетокот на пандемијата. Денешната одлука на владата вознемири три илјади станари од девет згради кои без најава беа ставени во карантин, опколени со полиција.

И Шпанија се враќа на старо. Непочитувањето на мерките посебно кај помладата популација ги натера властите да ги затворат дома жителите на Галиција и Мариња, која е дел од Каталонија. Мерката ќе трае само пет дена, до викендот кога треба да се одржат изборите во овие региони.

Не ги почитувавме правилата и ова се последиците, вели една жителка на Бурела. 

Но, најшокантната вест од Шпанија, која беше најпогодена европска земја од вирусот,  е што 95% од оние кои го прележаа вирусот, немаат никакви антитела. Италија, која од 1-ви јули ги отвори границите, бележи благ пораст на заболени, но сите се увезени. Властите на Рим предупредија – Оној кој не сака да се лечи ризикува затвор.

Америка се уште е на врвот, каде 32 сојузни држави се борат со коронавирусот. Во некои градови, повеќе нема тестови, па луѓето се принудени да чекаат со часови во долгите редици. Он лајн наставата ќе продолжи и од септември, поради што странските студенти ќе мора да ја напуштат земјата и да го продолжат учењето на далечина, бидејќи визите повеќе нема да им се продолжат. Отворањето на градинките на територија на цела Америка повторно резултираше со заболени над 800-тини работници, кои пак инфицираа над 400-тини деца.

„Малиот грип“ како што вирусот го нарекуваше бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, дојде и до него. Во очекување на резултатите од тестот, Болсонаро за првпат во јавноста се појави со маска и на новинарите им кажа дека ренген снимката на белите дробови му е чиста, но ги предупреди да не му се доближуваат.

Израел го минува вториот бран. Бројките на заболени се зголемуваат на секои 4 дена. Граѓаните ги обвинуваат и политичарите кои не ги почитуваат правилата.

Вирусот во моментов најбрзо се шири во Индија, која денеска ја надмина и Русија, по бројот на заболени и сега е на трето место веднаш зад Бразил.

Додека бројката се доближува до 12 милиони, Светска здравствена организација го разгледуваа извештајот на 300 научници кои тврдат дека вирусот веќе се шири и преку воздух, и бараат нови препораки за заштита.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Либан пријави израелски напади и покрај прекинот на огнот

Kristina Kuzmanovski

Намален бројот на работници во индустријата

Kristina Kuzmanovski

Израел и Либан донеле одлука за примирје на целата либанска територија

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе