Вести Ковид19 Македонија Најважни

120 новозаболени од КОВИД 19, петмина починати

Завчера била донесена во болница со тешка пневмонија, во бесознание,без срцева акција и знаци на живот. Докторите направиле се да ја реанимираат, но за жал безуспешно.

Тестот на Ковид посмртно покажал дека е позитивна на вирусот. 46 годишна пациентка е најмладата од петте починати кои влегоа во црниот биланс во изминатото деноноќие.

Директорот на Градската болница 8 Септември, Христијан Костов, за Телма вели голем дел од пациентите доаѓаат со тешка пневмонија и стигнуваат во болница предоцна. Има и такви кои се во напредна фаза, но одбиваат да се лечат во болница.

Граѓаните само еден ден – вчера здивнаа со помалку од 100 позитивни на Ковид 19, но и помалку тестирани. Но статистичката крива никако не се исправува. Во минатото деноноќие корона-вирусот зеде 5 животи, позитивни се 120 од 1.367 тестирани, а оздравени се 125 пациенти.

Двајца починати пациенти се од Скопје, еден од Куманово и двајца од Тетово.

Покрај 46 годишната жена која почина во градската болница, на Клиниката за инфективни болести почина пациент на 65 годиншна возраст.

Пациентка на 85 години почина во  болницата во Козле. А вон болнички услови, починаа двајца граѓани на Тетово, на возраст од 78 и 76 години. Кај едниот вирусот исто бил дијагностициран посмртно.

Расте бројот и на хоспитализирани пациенти.

Само во 8-ми септември изминатото деноноќие примени се нови 13 пацинети со тешка пневмонија. Во градската болница во моментот битката со Ковид ја водат вкупно 115 пациенти од кои на респираторна машина се тројца.

На Инфективната клиника примени се седум пациенти, а вкупно се хоспитализирани 87 пациенти од кои на кислородна поддршка се 51.

Во болницата пак во Козле има 27 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, три деца позитивни и два суспектни на вирусот.

По бројот на новозаразени, Скопје и натаму е прв на листата. Од денешните 120 новозаразени, повеќе од половината  -63 се од главниот град. По бројот на потврдени случаи во изминатото деноноќие, Тетово е втор на листата со 14, а веднаш зад него, со 12 е Гостивар. Со 6 новозаразени Струга и Дебар остануваат меѓу  жариштата на Ковид.

Скопје-63, Куманово-4, Дебар-6, Штип-4, Прилеп-2, Тетово-14, Струга-6, Велес-2, Битола-1, Охрид-4, Гостивар-12, Свети Николе-1 и Кичево -1.

И по бројот на активни  Скопје е прв на листата, со 1.941 случај или повеќе од половината од моментално позитивните на вирусот се во главниот град. Тетово е второ на листата со 373 активни, а во Куманово има 197.

Жариштата никако да стивнат и во Охрид каде  во моментов има 180 активни случаи, Струга 173 и во Штип 160.

Од скопските општини најмногу инфицирани има во Чаир -373, во Гази Баба има со 192 активни случаи, Бутел – 167, Аеродром 154 и Карпош 158 активни случаи.

Пред само еден месец ,односно на 7-ми  јуни во државата имало 1.343 активни случаи на Ковид и 156 мртви. Сега бројот на починати е 351. А битката со Ковид во моментот ја водат 3.569 лица, или или бројот и на позитивни и на починати за еден месец пораснал повеќе од двојно.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Златко Перински е нов директор на Фондот за здравствено осигурување

Sonja Petrusevska

Владата прогласи 30 дневна кризна состојба во Гостивар

Sonja Petrusevska

Москва прогласи двајца италијански дипломати за непожелни откако Италија протера руски аташеа под сомнение за шпионажа

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе