Вести Свет Топ вести

Путин ја обвинува Европа за енергетската криза, Западот вели манипулира

Обидот на Западот економски да ја изолира Русија со санкции, ја турна глобалната економија во непознати води со постојано зголемување на цените на храната и енергијата, смета рускиот претседател Владимир Путин. Тој ги обвини за наметнување нестабилно тргување, затворање на гасоводите како и за одолговлекување на процесот за поправка на турбините. Според претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен пак Путин ја манипулира јавноста и води економска војна.

Европските власти практично ги принудија своите компании и нè принудија да бидеме врзани за тргување. Сега, значителен дел од цената од самото тргување го има во структурата на цената на гасот. Тоа ни го наметнаа Европејците, врзувајќи нè во овие глупави одлуки за трговијата со гас. Соочени со она што се случува сега, тие размислуваат како да излезат од ова – да ја ограничат цената со административни одлуки, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

 Претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен пак вели дека во моментов Европа се наоѓа во специфична ситуација, бидејќи Русија е несигурен снабдувач и манипулира со енергетски пазари на земјите членки но дека Унијата меѓувреме ја зголеми подготвеноста и ја ослабна контролата на Русија со намалување на побарувачката на руски енергенси. Тоа дополнително ќе го направи и со ограничување на цените на руските енергенси. Додава и дека во моментов складиштата се речиси полни.

Преку диверзификација ги зголемивме испораките на ЛНГ или гас од гасоводот од САД, Норвешка, Алжир, Азербејџан и други. На пример Норвешка сега испорачува повеќе гас во ЕУ отколку Русија. И правиме огромни инвестиции во домашни обновливи извори на енергија, вели претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

 Рускиот претседател побара ревизија на договорот за извоз на украинското жито преку Црното Море, тврдејќи дека Киев и западот ги мамат земјите во развој и Русија. Тој обвини дека најголем дел од житото завршува во Европа, место во најсиромашните и најгладни земји во светот. Најави дека за ова утре ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој беше една од страните што преговараа за одблокирање на извозот на украинските житарки од пристаништата. Ердоган пак вчера и порача на Европа дека „го жнее она што го посеа“ во однос на зголемувањето на цените на енергијата, откако Русија го намали снабдувањето со природен гас како одговор на санкциите поради нејзината војна во Украина.

Односот на Европа кон господинот Путин – спроведувањето на санкциите – го натера г-дин Путин да и каже на Европа: „Ако вие го правите ова, јас ќе го направам вака“. Господинот Путин исто така ги користи сите свои средства и оружје. Најважен од нив е природниот гас, вели турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

 Меѓувреме некои од земјите членки на унијата не се согласуваат на санкциите кон Русија. Унгарија се заканува дека ќе ги блокира а дел од ЕУ дипломатите велат дека унгарскиот премиер Виктор Орбан сè уште има добри односи со рускиот претседател Владимир Путин и неколку пати последните месеци ги блокираше предлозите за продолжување на санкциите против Москва.

Русија е втор најголем извозник на нафта по Саудиска Арабија и е најголем извозник на гас и жито. Вообичаено, Европа увезува 40 отсто гас и 30 отсто нафта од Русија.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Водата во Крушево повторно безбедна за пиење

Kristina Kuzmanovski

Пожарот во Франција сѐ уште под закана од повторно разгорување

Kristina Kuzmanovski

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума награден на фестивалот во Ерусалим, а ќе има европска премиера во Сараево

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе