Почетна точка Скопје, крајна дестинација – најголемите воени жаришта во Украина.
Овој камион за два дена треба да ги однесе пакетите со храна и средства за хигиена, кај граѓаните кои се најпогодени од војната.
Семејствата и внатрешните бегалци на украинската територија се целната група на оваа помош донирана од луѓе и институции, но и од резервите на Црвениот крст.
Се испраќаат 1200 пакети со храна и 400 пакети со хигиена, во вредност од над 50 илјади евра.
Се најавуваат и наредни вакви големи пратки.
„Помошта тргнува денес. Сега се товарат пратките, па оттука одиме на Царина за извозно царинење. Потоа камионот веднаш тргнува на пат и јас се надевам дека утре или најдоцна задутре ќе стигне таму каде што треба. Пратката е адресирана и приемач е Црвениот крст на Украина, значи влегуваме директно во државата. Истата ќе пристигне таму каде што е најпотребно во моментов“ кажа Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст на РС Македонија.
Освен помош во донации за во Украина, Црвениот крст работи и на помош за избеганите Украинци на наша територија.
Официјалната бројка е 307 бегалци и тие веќе се под закрила на Црвениот крст – почнувајќи од здравствена грижа и основни човекови потреби, па сè до нивна интеграција во општеството.
Им се обезбедува и облека, а дел од нив сами се пријавиле за да го изучуваат македонскиот јазик.
„Помеѓу нив има и семејства кои имаат и по 4-5 деца, а има и постари луѓе кои имаат потреба од здравствена и социјална заштита и доколку престојуваат во вашата земја тие би требало исто така да добиваат поддршка и соодветна грижа во ова време“ изјави Роман Буга, заменик-амбасадор на Украина во РС Македонија.
Засега, целата грижа е во комплетна режија на Црвениот крст.
Капацитети за такво нешто велат дека има, но се прават подготовки и за во случај да порасне бројката на украински бегалци.
Системот за грижа и менаџмент на државата е на готовс и за такво сценарио.
Петар Догов