Вести Свет Топ вести

Гутереш во дипломатска мисија во Москва без преголеми очекувања

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, ќе разговара денеска во Москва со шефот на руската држава, Владимир Путин, иако по досега неуспешните обиди за дипломатски решение за прекин на војната во Украина, очекувањата за некаков прогрес се релативно мали.

По Москва, Гутереш ќе замине во посета и на Киев а Украинците од првиот човек на светската организација очекуваат тој да помогне за олеснување на хуманитарната ситуација во обиколениот град Мариупол, каде иако Русите прогласија победа, во индустрискиот комплекс Азовстал се уште се засолнети повеќе десетици илјади цивили.

„Нашето барање до него е наместо да се фокусира на големите прашања како целосен и сеопфатен прекин на огнот, што е значајно, но гледаме што прави Русија на военото поле, тоа е невозможно. Треба пред се да се фокусира првенствено на едно прашање: евакуацијата на Мариупол. Ова е навистина нешто што ОН можат да го направат. Ако тој демонстрира политичка волја, карактер и интегритет, се надевам дека тоа ќе ни овозможи да направиме еден чекор напред“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Дипломатската мисија на Гутереш следува откако шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров предупреди дека ризикот од избувнување нуклеарна војна е „сериозен и реален“, критикувајќи ги властите во Киев за нивниот пристап кон мировните преговори. Можеби ние треба да преговараме со оние од чии ставови реално зависи Украинската позиција, додаде Лавров.

Лавров тврди дека Западните сојузници и НАТО би можеле да провоцираат поширок и поопасен конфликт затоа што ја снабдуваат Украина со оружје и воена опрема. Тоа се целосно бесмислици, реагираат Британците.

„Сергеј Лавров би можел да размисли и за тоа дека причината заради која има војна во моментов во Украина е затоа што Русија ги помина границите на суверена држава и започна со инвазијата на нивната територија. НАТО не е експанзионистичка офанзивна алијанса. НАТО е одбранбен сојуз. Оваа врева која доаѓа од Москва дека нивниот напад против Украина е одговор на агресијата на НАТО е целосна, целосна бесмислица“, рече Џејмс Хипи, Министер за одбрана на Обединетото Кралство.

Министрите за Одбрана од земјите членки на НАТО и Европската Унија денеска на разговорите во американската воздушна база во Рамштајн, ќе разговараат за дополнителната воена помош за Украина.

Пред состанокот, пристигна и најавата дека една од земјите која ќе објави зголемување на воената помош за Украина е Германија, која на властите во Киев ќе им додели повеќе мобилни анти-воздушни оклопни системи Гепард кои се во служба на Германската армија од почетокот на 70-тите години на минатиот век. Со месеци, Украинскиот лидер, Володимир Зеленски, од Западните сојузници бара повеќе оружје, посочувајќи дека на тој начин би можеле да го сменат исходот на судирите.

Никола Илиевски

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќемина паднаа на тестови за дрога, добија откази – француската влада ги тестираше вработените во министерствата и високите државни службеници

Sasko Dimovski

Судскиот процес против Мадуро закажан за 1 јуни во 2027 година во Њујорк

Sasko Dimovski

Скопските општини ќе формираат комисии за пријавување на штети од невремето

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе