Вести Ковид19 Македонија Најважни

Пред Ковид-лабораториите редици и на студот, крвните анализи и ПЦР-тестовите станаа секојдневие

Осум и триесет часот наутро, пациентите едвај дочекаа да се отворат вратите на Ковид-амбулантата.

Чекањето на студот не е нималку пријатно за луѓето коишто освен на лекар – не смеат да бидат ниедно друго место додека им трае изолацијата заради позитивниот резултат на тестот.

Крвните анализи не смеат да ги прерипаат пред да добијат насока од матичните лекари за терапија, затоа што секој од нив се соочува со различни симптоми и различен тек на болеста.

„Болка во грло, течење на нос, главоболка, покачена температура, слабост, малаксаност. Обично, пациентите поминуваат со полесна клиничка слика и вакцината секако дека делумно ја олеснува клиничката слика кај пациентите.“- изјави Д-р. Бети Гелејчевска-Илкоска. 

 

„Денес се направени околу 70 крвни анализи во Ковид-пакет услугата, а вчера беа околу 90. Денес е помала бројката. Се изведуваат Ковид-пакет услуги од 250 денари преку ФЗОМ, за разлика од приватните каде што цената оди и над 2000 денари. Пациентите во истиот ден ги добиваат своите анализи со коишто потоа, матичниот лекар ја одредува соодветната терапија.“ – вели Д-р. Катерина Стаменковска – Раководител во Работна единица Карпош при Здравствен дом – Скопје. 

Додека некои веќе знаат дека се борат со вирусот, други застанати пред пунктовите за тестирање. Сликата е ваква секој ден и на секој пункт.

Термини на државно речиси и да нема и матичните лекари мака имаат со пациентите коишто постојано бараат да добијат термин, па крајната опција за многу од нив сепак останува да одвојат две илјади денари за да им биде земен брис во некоја од акредитираните лаборатории.

Порастот на бројот на новозаразени медицинарите веќе го припишуваат на варијантата Омикрон за која една од малкуте работи коишто се дефинирани засега е дека многу побрзо се шири инфекцијата.

Вчера Институтот за јавно здравје испорача бројка од речиси две илјади потврдени случаи на зараза што е рекордна бројка, па разбирливо и болниците започнаа да згрижуваат повеќе пациенти.

За брзите тестови коишто во аптеките се продаваат најбрзо од сѐ веќе се знае дека може и да се помалку сензитивни и воопшто да не ја детектираат инфекцијата со Омикрон.

Во Македонија се продаваат за пет евра – ситен трошок во споредба со ПЦР-тестирањето или пак витаминската терапија и другите лекови потребни за закрепнување.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе