Омикронот го одложи директното соочување на позициите на двете нови влади на Македонија и на Бугарија, откако бугарскиот премиер, Кирил Петков, заврши во изолација поради контакт со претседателот на бугарското собрание кој од синоќа е позитивен на корона-вирус. Петков кој на 18-ти требаше да допатува во Скопје, ја одложи посетата и пред да го добие решението од надлежните здравствени власти во Бугарија колку дена треба да остане во изолација. Одложувањето на посетата е потврдено за БНТ од прес-центарот на бугарската влада, но без информации кога би се реализирала посетата.
Петков кој синоќа на состанокот на Советот за безбедност на Бугарија, на само една недела пред предвидената посета, ги доби насоките како да ја води политиката кон Македонија, ги избегна новинарите за изјава.
„Нели ќе дојде премиерот?
– Нема да доје премиерот. Лично ви се извинувам. Да ви ја дадам позицијата…“, им беше кажано на новинарите по состанокот.
Седумте насоки за идниот развој на односите со Македонија државниот и политички врв на Бугарија ги утврди истовремено со потврдувањето на бугарските црвени линии. Договорот за добрососедство, но и Рамковната позиција од 2019 и декаларацијата на 44. бугарско собрание, се рамката за која новата бугарска влада и Петков ќе мора да се држат во развивање на односите со земјава, со изрично укажување дека зеленото светло за старт на преговорите на Македонија со ЕУ не треба да биде врзано со рокови туку со реални резултати. Во прв план притоа се ставени правата на македонските Бугари, за што, како што беше соопштено по состанокот, Бугарија нема намера да преговара.
И додека Петков го утврдува новиот датум за посетата на Скопје, за која вчера му било забележано дека не требало тој прв да оди во Скопје, туку новиот македонски премиер да дојде во Софија, ќе треба да утврди и колкав маневарски простор му останува по синоќешниот Совет за безбедност во намерата да ги придвижи односите со Македонија.
Истовремено пак новиот мандатара на македонската влада, Димитар Ковачевски, уште синоќа, пред да ги слушне заклучоците на бугарскиот Совет за безбедност, ја постети Софија за македонските црвени линии, усвоени од Собранието – дека за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет нема да се преговара.
Тамара Грнчароска
