Лани трети јануари во Струмица осамна со мирис на чад и саги, и стотици лица кои во очај гледаа што останало од трговскиот центар Глобал. Една година помина од пожарот во кој изгоре речиси половина градски пазар и голем број деловни објекти. Милионската штета ги остави трговците со месеци без егзистенција. Од здружението на сопственици на дуќани во Глобал велат дека конечно обновата на трговскиот центар е во завршна фаза.
И по една година, се уште нема официјална информација што е причината за пожарот и каде е одговорноста. Од основното јавно обвинителство велат дека се очекува извештајот од вештачењето на хидроинжинер од Бирото за судски вештачења. Гасењето на пожарот минатата година беше отежнато и поради нефункционалните хидранти. Пожарникарите сведочеа дека ниту еден хидрант во Глобал немал вода, а не можеле ниту да ги користат хидрантите во градот. Вентилите на хидрантите во градот не се компатибилни со опремата и стандардите на приклучоците коишто ги користат струмичките пожарникари.
Штетата во пожарот на Глобал изнесуваше над еден милион евра. Најголемиот дел од средствата ги обезбедија локални и регионални компании со донации на финансиски средства, материјали но и со работна рака.
Сузана Мицева