Во СДСМ следува период на промени, а во тоа клучна е улогата на младите социјалдемократи, порача новиот претседател на партијата, Димитар Ковачевски на завршниот настан на Политичката академија за социјална демократија во организација на Прогрес институтот.
„СДСМ во периодот кој следи мора да се менува, а вие мора да бидете носители на таа промена. Има многу работа пред нас, за да ги промениме работите, но тоа почнува од промената на самите себе. Младината е можеби и најважниот дел од едно општество и должна е да ја обликува сегашноста, но и иднината во тоа општество. Младината не смее да седи на страна и чека, туку да преземе акција, да го дигне гласот и да се бори за својата иднина. Гласот на младите и нивните потреби е глас кој јас како лидер ќе го слушам“, порачал Ковачевски.
Инаку Централниот одбор на СДСМ е закажан за в понеделник кога треба да се избере ново раководство на партијата, заменик претседател на чие место јајверојатно останува Сања Лукаревска, потоа четворица потпретседатели, како и генерален секретар за кој веќе е сигурно дека ќе биде Миле Зечевиќ.