Европската банка за обнова и развој стои зад секој проект и истото го очекува од сите свои партнери и клиенти, велат оттаму во одговор за Телма по стопирањето на тендерот за автобуско метро од страна на новата скопска градоначалничка Арсовска. Одамна е потпишан договорот со ЕБРД за наменски кредит од 70 милиони евра и сите детали од проектот се предмет на темелна анализа, па никаков пропуст или недоследност не може туку така да се протне за толку сериозен и скап план.
Според досегашните информации, градската каса нема да биде презадолжена со нови кредити за реализација на БРТ, од причина што заемот го подигнува државата преку Министерството за финансии. Во Финансии сè уште не пристигнало никакво официјално барање од Град Скопје следствено на стопирањето на тендерската постапка за избор на изведувач што ќе ја гради првата од двете линии на БРТ-то.
А, од кабинетот на градоначалничката Арсовска, пак, тврдат дека ќе се преговара со Европската банка за обнова и развој за да се изнајдат решенија за подобрување на состојбите во јавниот превоз.
Анализите на коишто тие се потпираат се изработени минатата година за потребите на Град Скопје, а недостатоци препознаваат во повеќе делови, па така претходно од градските служби за медиумите информираа дека ризик постои и по главната водоводна цевка која поминува на трасата кај Партизанска, како и тоа дека реализацијата на проектот ќе придонесе за голема сеча на дрвја.
Петар Догов