Три случаи на напади од политички противник се регистрирани минатиот викенд во Куманово кое наредната недела го чека втор круг, чија предигра и „валкани“ напади одаваат мачна атмосфера за локалната политичка состојба меѓу доскорешните сопартијци.
Од СВР Куманово соопштија дека двајца кумановци завчера во рок од две минути пријавиле напад врз себе од другиот пријавувач.
Станува збор за две кумановски спортски и боксерски легенди кои се бореа во различни ери на најуспешниот спорт во Куманово, а и сега се во различни табори на локалните избори.
-На 23.10.2021 година во 14.15 часот во СВР Куманово Р.Р. пријавил дека во населбата Средорек бил физички нападнат од С.С. и неговиот татко. Истиот ден во 14.17 часот С.С. пријавил дека бил физички нападнат од Р.Р. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од кумановската болница.
Зад иницијалите во полицискиот билтен за изборен напад се кријат Реџеп Реџеповски и Самет Салиевски, познати боксери и кандидати за општински советници, првиот олимписки вицешампион и подржувач на независниот кандидат Максим Димитриевски, вториот од коалицијата на СДСМ.
Полицијата која има соодветен интервентен тим за слични настани веќе работи на расчистување, додека политичките табори разменија остри вербални напади.
-На само една недела пред вториот круг од локалните избори, почнаа насилствата и физичките пресметки во Куманово само за да се добие глас плус повеќе. На 23.10.2021 година врз наш кандидат за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Реџеп Реџеповски е извршен физички напад од страна на советник на СДСМ Самет Салиевски и неговиот татко, во населба Средорек. Овој случај е пријавен во МВР, изјави Николај Павловски од независната листа советници и го повика министерот Оливер Спасовски да ги заштити нивните активисти од притисоци и закани.
На своја прес-конференција советникот од коалицијата на СДСМ Салиевски најави дека ќе поднесе кривична пријава против напаѓачот и пријава за клевета против Николај Павловски, портпаролот на Димитриевски.
-Реџеповски без причина ме удри во главата, побарав лекарска помош, имам повреда и случајот го пријавив во полицијата. Ние се бориме никогаш повеќе Ромите да не не влечат за учи. Овој режим на Димитриевски е режим на Груевски. Ние Ромите сме мирни луѓе, но тимот на Димитриевски сака да ги продолжи насилствата врз нас, кажа Салиевски.
Тој не сакаше да соопшти повеќе детали за насилството кое како што тврди е извршено врз него и апелираше надлежните да го расчистат случајот.
Денеска следуваше уште едно обвинување од таборот на Максим Димитријевски откако претходно боксерите ги „вкрстија“ ракавиците.
Tврдат дека Христина Алексовска, жена кандидатка за советник од „За наше Куманово“ е нападната од Момир Илиевски маж-кандидат од листата на СДСМ.
-Насилството се случила синоќа околу 19:00 часот, во влез на зграда на бул.„Октомвриска револуција“, кога Петрушевски на сила и одземал пропаганден материјал од раце од Алексовска и потоа го уништил. Во изборна кампања, советник од тимот на Оливер Илиевски брутално се пресметува со жена, која е негов против кандидат! На овој начин ли се загаламе за еднакви можности на мажите и жените во политиката? Ова ли е начинот на кој сакате да победите на изборите!? Дали според вас ова е демократски чекор? Застрашувачки е сè што правите во изминатиот период!, изјави Павловски.
Реагираше спомнатиот Момир Илиевски, кој негира и тврди дека тој бил нападнат пред својот дом, а не бил сам туку со својата сопруга и со малолетниот внук.
-Ќе ве прегазиме, нема да знаете што ќе ви се случи после“, а на што претходеа непристојни зборови и понуди од страна на Александар Крстевски – човек на Димитриевски, а веднаш потоа и закани од страна на Драган Алексовски-Вуле. Сето ова се случи пред мојата влезна врата во присуство на мојата сопруга и малолетниот внук, кои не беа должни да сведочат на ваков немил настан. Уште еднаш одговорно тврдам дека немало никакво насилство од моја страна. За овој настан ќе поднесам и приватна тужба против лицето, Драган Алексовски кој на секој можен начин се обидува да ме дискредитира, наведе Момир Илиевски во реакцијата.
Во трката за градоначалник на Куманово во вториот круг останаа Максим Димитриевски, независен кандидат на „За наше Куманово“ и Оливер Илиевски од коалицијата на СДСМ. Димитриевски беша член на СДСМ до своето кандидирање за независен и ова е првпат во втор изборен круг во Куманово да се натпреваруваат двајца кандидати кои до август односно до пред помалку од три месеци беа во иста партија.
Интересно е и што погоре спомнатиот Реџеп Реџеповски кој во светски рамки во 1984-тата успеа во боксерскиот ринг во Лос Анѓелес да стигне до финалето и да го освои сребрениот медал, а на листата за советници беше ставен на 11-тата позиција за советник што во моментот не му носи советничка позиција бидејќи „За наше Куманово“ освои 8 советници. Но доколку неколку претходни кандидати на независната листа заминат на други општински функции ако победи Димитриевски, вицешампионот Реџеповски ќе стане советник во општината и градот кои што ги прослави на светската спортска сцена.
Миомир Серафиновиќ