Штип во изминатото деноноќие регистрираше највисока бројка на заразени во еден ден – вкупно 60. Епидемиолозите појаснуваат дека 30, односно половина од случаите се од приватниот скрининг на сопственик на една штипска конфекција, кој ги тестирал вработените, со цел да се утврди колку од нив се заразени. Останатите 30 се исто така работници од четири други штипски конфекции, но и нивни контакти со членови на семејствата или пријатели.
Коронавирусот веќе е влезен во Домот за стари лица во Радовиш. Позитивни на вирусот се двајцата вработени и четири лица корисници на услугите во овој дом. Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирина Бухова за Телма вели дека ќе се тестираат старите лица по епидемиолошка анкета. Двајца од корисниците на радовишкиот Дом за стари лица се веќе хоспитализирани во болница.
Кристина Ампева, од невладината организација „Гласен текстилец“, која се грижи за работничките права пред се на вработени во текстилната индустрија, вели дека новите бројки на заболени во Штип од кои во денешната статистика сите се од конфекциите се алармантни и дека државата мора да воведе протоколи – дали фабриките треба да се затворат но и да се направат протоколи за превозот , бидејќи сега повторно вработените се превезуваат во автобуси кои се преполни.