Еден ден откако Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Тетово доставил извештај до АХВ дека водата за пиење во Гостивар е исправна почнал напливот на пациенти со стомачни тегоби во гостиварската болница „Ферид Мурад“ и во здравствениот дом во Гостивар.
„Согласно договорот меѓу ЦЈЗ Тетово и ЈП „Комуналец Водовод“ мостри се земаат еднаш месечно од осум мерни места. Последниот пат ние како АХВ што имаме добиено како резултат од ЦЈЗ е од 13 јули и водата била безбедна“,рече Оливер Миланов, директор на АХВ
Официјалните информации на министерството за здравство се дека само еден ден подоцна, на 14 јули, 324 гостиварчани побарале лекарска помош. Ист документ дека водата е исправна ЦЈЗ Тетово издал и на 29 јуни.
Вчера се земени нови мостри од градскиот водовод кои се доставени до ИЈЗ на микробиолошка и физичко хемиска анализа а забраната за користење на градскиот водовод и за технички потреби останува на сила.
Од АХВ се децидни дека водата од чешма не смее да се користи ниту за миење на садови и дека угостителите, производителите на храна и институциите мора да се снабдат со техничка вода, која Гостивар ја нема. Насоки од каде да ја земат нема.
„Доколку не обезбедат техничка вода за услугите кои се дадени согласно правилникот за квалитет на вода за пиење, истите ќе бидат казнети согласно прекршочните санкции“, рече Оливер Миланов, директор на АХВ
Надлежните соопштија дека директорката на гостиварскиот водовод Асани по закон била должна да го извести министерството за екологија дека планира да постави пумпи и да чека одобрение.
„За секоја измена која планира да ја направи Јавно комунално претпријатие „Гостивар“ или било кое јавно комунално претпријатие треба прво да поднесе барање до Управата за животна средина, сектор води, тие да го разгледаат тоа и да дадат одобрение или одбивање. Се работи за цевковод кој служи за вода за пиење. До денес не е пристигнато во министерството такво баерање. Точка 11 во дозволата вели дека секоја измена која операторот сака да ја направи е должен да побара одобрување од министерството за животна средина“, рече Ивана Гиновска, директор на Државниот инспекторат за животна средина
Според протоколот за постапување при контаминација на градски водовод, централната власт доставува мерки до гостиварскиот водовод кој е должен да го испразни системот, да го исчисти односно дезинфицира и повторно да го наполни, да се земат нови мостри и во зависност од резултатите да се тргне забраната. Засега нема информации дали и кога е тоа е сторено,.
Од министерството за екологија нема најава дека ќе побараат од Владата да се донесе одлука со која ќе се одземат надлежностите на локалната власт во делот во водоснабдувањето на Гостивар.
Огнен Чанчаревиќ
