Ќе ги снајде ли истата судбина и пациентите со трансплантиран бубрег како пациентите со ХОББ и астма? Лекот Мифортик повеќе не е бесплатен. Од овој месец пациентите ги дочека непријатно изненадување на аптекарските шалтери – наместо терапија без доплата, сега ќе треба да издвојуваат по 3.450 денари месечно.
„Заменскиот лек се уште не е пристигнат во аптеките. Всушност промената настанува на 16-ти претходниот месец кога фондот за здравство ги менува референтните цени за одредени лекови. Тука не е само овој лек туку и други лекови за други болести и всушност Мифортикот станува лек со доплата а државата треба да обезбеди друг лек со иста генерика без доплата“, рече Павлинка Балиска психолог и координатор во Нефрон – Здружение на бубрежно болни граѓани од Скопје
Пациентите се плашат да менуваат лек бидејќи се работи за терапија која го штити трансплантираниот бубрег, а секоја промена во резултатите е опасна по нивното здравје да го изгубат бубрегот, додава Балиска.
„Трансплантирани пациенти има од сите различни категории и групи на граѓани, така да навистина со оваа цена за некои од пациентите се доведува прашањето дали ќе можат да си го дозволат лекот. Во секој случај ставот на здружението Нефрон е дека терапијата за трансплатираните пациенти исто како и дијализата за нашите граѓани треба да биде бесплатна“, кажа Павлинка Балиска психолог и координатор во Нефрон – Здружение на бубрежно болни граѓани од Скопје
Од Министерството за здравство велат дека се во тек преговори со компанијата што го обезбедува лекот.
„За кратко време се очекува одговор од компанијата за намалување за цената на овој лек, по која ќе може да дадеме дополнителни информации за пациентите корисници на лекот“, одговорија од Министерството за здравсто.
Побаравме став и од фондот за здравство но до објавување на овој прилог не добивме одговор. Инаку пред извесен период слична судбина имаа и пациентите со ХОББ и Астма. Првично лекот Фостер им поскапе,а надлежните му најдоа замена лекот Блоцета. Но не беше достапен во аптеките. По бурните реакции во јавноста надлежните решеија Фостер од 1 ви август да се продава само со партиципација од 280 денари.
Симона Петровска
