Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста, рече утрово министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на прес-конференција во Владата.
– Би сакал да ги уверам гостиварчани дека Владата ги презема сите мерки, секако во рамки на своите надлежности, и така ќе продолжи се до конечно расчистување на овој случај. Важно е граѓаните да знаат и кои се законските надлежности. Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори. Истовремено, контролата на квалитетот на водата за пиење е законска обврска на Центрите за јавно здравје, кои имаат обврска континуирано да ја следат исправноста на водата и навремено да ја информираат јавноста и надлежните институции кога ќе се утврди ризик по јавното здравје. Министерството за животна средина и просторно планирање останува целосно посветено на обезбедување услови за подобра комунална инфраструктура, објасни Хоџа.
Хoџа истакна дека очекува брза, темелна и транспарентна истрага, целосно расчистување на случајот и соодветна одговорност за сите инволвирани.
