Водата во Гостивар е многу загадена и има колиформни бактерии кои укажуваат на фекално загадување – покажа анализата на Институтот за јавно здравје по земените примероци од површинската вода од отворениот канал. Водата не може да се употреба за ниту една намена.
Во водата има присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл. Во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл.
Дополнително анализиран е примерок земен од чешма на Ул. ЈНА во Гостивар каде е констатирано дека во водата има високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0.2 до 0.3 мг/л но не повеќе од 0.5 мг/л.
Повеќе од 3000 жители на Гостивар изминатите пет дена со дијареа, стомачни болки – некои и со температура побараа помош во болницата и во здравствениот дом во Гостивар. Четворица се хоспитализирани, меѓу кои и едно дете. Сепак бројот на заболени лица се претпоставува дека е многу поголем зашто граѓани се лекуваа и дома. По наглото зголемувањето на бројот на заболени, беше забранета употребата на водата за каква било намена.
Вечерва Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека донело Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење.
Осомничени се тројца соизвршители – В.Д. директорка на ЈП “Комуналец” – Гостивар, технички раководител на Сектор за технички работи и раководител на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие, дека со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.
Според обвинителството тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи, во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата.
На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем.
Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување.
Осомничените се лишени од слобода и во текот на утрешниот ден јавен обвинител ќе одлучи дали и какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи на судот.
Претходно, министерот за здравство Сашо Клековски рече дека првиот наплив на пациенти со симптоми на стомачни тегоби бил на 14 јули и од тогаш бројот на граѓни кои бараат лекарска помош секојдневно се зголемува, се до вчера кога бројот почна да опаѓа.
