Претседателката на Индија Драупади Мурму денеска пристигнува во официјална посета на Република Македонија, во рамки на нејзината европска турнеја која ги опфаќа и Молдавија и Романија.
Посетата има историско значење, бидејќи станува збор за прва официјална посета на индиски претседател на Македонија од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
За време на престојот во Скопје, се очекува Мурму да се сретне со државниот врв, при што во фокусот на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералната соработка, економските односи, трговијата, инвестициите, информатичката технологија, образованието и науката.
Драупади Мурму е претседателка на Индија од јули 2022 година и е 15-ти претседател на најнаселената демократија во светот.
Таа има значајна улога во претставувањето на земјата на меѓународната сцена и во промовирањето на индиската дипломатија.
Нејзините странски посети се насочени кон продлабочување на политичките и економските партнерства, особено со земјите од Европа, Африка и Азија.
