Поладнево од министерството за здравство информираат дека континуирано се следи епидемиолошката состојба на подрачјето на Гостивар и согласно последните податоци од јавните здравствени установи информираат дека од вчерашниот ден се забележува почетно намалување на бројот на новопрегледани пациенти со симптоми на гастроентероколит, односно пациенти кои првпат побарале лекарска помош.
–Кумулативно, во Општа болница Гостивар досега се евидентирани 1.554 пациенти, а во Здравствен дом Гостивар 1.392 пациенти. Четирите лица, кои беа хоспитализирани веќе се пуштени на домашно лекување. Досега се доставени 140 формални пријави, кои се обработуваат од епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје, и се спроведени 81 епидемиолошка анкета, велат од МЗ.
Во однос на дневниот тренд на новопрегледани пациенти, податоците покажуваат дека во текот на вчерашниот ден (19.07) се евидентирани вкупно 564 новопрегледани пациенти во болницата и здравствениот дом, што според министерството покажува намалување во споредба со претходниот ден кога биле евидентирани 649 новопрегледани пациенти и кога бил достигнат најголемиот број на новопрегледани пациенти во тек на еден ден.
Од министерството посочуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности.
Оттаму апелираат граѓаните да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете, а лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош.
Хронлошки, според Клековски првиот наплив на пациенти е забележан на 14 јули кога лекарска помош побарале околу 300 пациенти и од тогаш бројот на заболени растел секојдневно, се до вчера кога почнал да се намалува.
