Вести Свет

САД извршија напади врз Иран седма ноќ по ред – Иран се закани со „целосна офанзива“

Американската војска соопшти дека ја спровела седмата ноќ по ред воздушни напади врз Иран, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека привремениот договор за прекин на огнот е „завршен“.

Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека нејзините сили погодиле „објекти за надзор, воена логистичка инфраструктура, подземни складишта за оружје и поморски капацитети“.

Но, во американските напади биле бомбардирани и уништени и автопати, мостови, тунели, кои ги користат иранските цивили. Само во провинцијата Хормозган биле оштетени три моста а во нападите биле убиени и повеќе цивили.

САД ги таргетираат и патните правци кон градот Бандар Абас, кој се наоѓа во близина на најтесниот дел од Ормутскиот Теснец, јавија иранските државни медиуми.

Иако нема прецизни бројки за вкупниот број жртви во американските напади, официјален Техеран тврди дека повеќе десетици лица се убиени а стотици и повредени во бомбардирањата.

Иранските власти се заканија дека доколку американските напади продолжат, тие ќе одговорат со целосна офанзива.

„Доколку американските напади продолжат уште два или три дена, ќе влеземе во фаза на целосна офанзива и разорни напади. Што значи тоа? Тоа значи дека Иран повеќе нема да се ограничува само на одмазднички напади и дека ниту една политичка граница нема да биде безбедна од офанзивните способности на Иран“ – изјави Мохсен Резаи, висок советник на врховниот лидер на Иран.

Иран досега возврати со напади врз американски сојузници во регионот, меѓу кои и Кувајт. Кувајтските власти изјавија дека уште една електрана и постројка за десалинизација на вода биле погодени, по сличен напад претходниот ден.

Ирански ракети биле лансирани и кон цели во Јордан и Бахреин.

САД повторно воведоа и поморска блокада на иранските пристаништа.

Иран практично го затвори Ормутскиот Теснец за бродски сообраќај откако САД и Израел ја започнаа војната на 28 февруари. Тоа предизвика нагло зголемување на цената на нафтата и му даде на Иран значителна предност во преговорите.

Цената на нафтата во петокот се искачи над 86 долари за барел, што е блиску до највисокото ниво во последниот месец, додека бројот на преминувања низ теснецот падна на најниско ниво во последните три недели, според меѓународна служба за следење на бродскиот сообраќај.

Трамп сега се соочува со политички притисок што поскоро да стави крај на војната и да избегне долготраен конфликт на Блискиот Исток, откако во својата изборна кампања постојано велеше дека тоа нема да го дозволи.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нов археолошки локалитет кај тетовско Стенче – најдени монети и керамика од 4 век

Igor Trajkov

Брисел алармира за притисоци врз судството – власта со нови критики, опозицијата обвинува за заробени институции

Дејан Дејан

За 24 часа – 260 нови пациенти побарале помош во гостиварската болница

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе