Документот со исполнети обврски од реформската агенда патува за Брисел, со порака дека Македонија го продолжува процесот на евроинтеграција. Но, домашниот фронт останува заглавен во партиските ровови.
Додека власта тврди дека реформскиот процес има силна динамика, опозицијата обвинува за застој и потрага по алиби. Изборниот законик остана неусвоен поради отсуство на политички консензус, а партиите продолжија со обвинувањата – кој го кочи европскиот пат и кој ја носи одговорноста за блокадите.
„Уверен сум дека во динамиката на реализацијата ќе бидеме далеку пред многу други, и покрај обидите процесот да биде забавен преку блокирањето на Изборниот законик. Нашата определба останува непроменета, реформите ќе продолжат, затоа што тие се во интерес на државата, институциите и граѓанитe“, вели премиерот Мицкоски.
Пред два дена истече последниот ден од грејс-периодот за Изборниот законик. Првичниот рок за носење на законот беше 30 јуни минатата година. Но, од СДСМ се на став дека ниту лани, ниту сега власта немала намера да ја исполни таа обврска па поради тоа се бараат виновници надвор од нивните редови.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговараат со контраобвинување за коалициско делување на опозицијата.
„Создаваат вештачки конфликт околу Изборниот законик, гледаме дека намерно туркаат спорни одредби за изборен грабеж, за да го прикријат сопствениот неуспех со реформската агенда и целосно да го блокираат европскиот пат. Тврдат дека Македонија е лидер во регионот во исполнувањето на реформската агенда, а гледаме дека европскиот пат е целосно закочен“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
„Опозицијата доби бланко лист за исполнување на желбите за Изборниот законик, а истото го одбија поради виктимизација. Коалицијата на СДС, Левица и ДУИ, сметаат дека доколку глумат жртви тоа ќе им донесе политички поен повеќе. ВМРО-ДПМНЕ како партија на власт им ги прифаќа сите барања на опозиционерите, само дијаспората да може да гласа на полесен начин“, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
На почетокот на неделата, Левица имаше иницијатива да се соберат опозициските партии на средба и да ги обединат ставовите околу моделот со една изборна единица, но и да се најдат на половина пат со ставовите за начинот на гласање на дијаспората. СДСМ одби таква средба, а лидерот на партијата Филипче одговори дека со последните предлози поврзани со Изборниот законик, Левица дејствува како контролирана опозиција.
Петар Догов
