Вести Македонија Топ вести

МОН го објави конкурсот за студентските домови – во реновираниот дом „Стив Наумов“ ќе се плаќа 6600 денари додека во другите 3410 денари

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за прием на студенти на додипломски студии во државните и приватните студентските домови за академска 2026/2027 година. Огласот е објавен на 15-ти јули 2026 година и ќе трае до 31-ви јули, а важи за студенти кои се II година или повисока, додека за студентите кои ќе бидат I година од октомври, конкурсот за нив ќе биде објавен на 14-ти септември 2026 година.

Во новата академска година ќе бидат достапни вкупно 9 државни и приватни објекти за сместување на студентите. Пет од нив кои ќе бидат достапни се државни (ДСД Скопје „Гоце Делчев“, новиот реконструиран дом „Стив Наумов“, бараките „Стив Наумов“, ДСД „Кочо Рацин“ во Битола и ДСД Тетово). Студентите ќе можат да се сместат и во приватниот студентски дом „Хилјадников“ во Штип, како и приватниот студентски дом „Логос“. Студентите во Охрид наместо во ДСД „Никола Карев“, кој сега е затворен поради негова реконструкција и реновирање, ќе имаат можност да бидат сместени во одморалиштето на МВР-Охрид, додека студентите во Штип наместо државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ кој е затворен поради негова реконструкција и реновирање ќе имаат можност да бидат сместени во поранешниот приватен студентски дом „ОАЗА“.

Со најголем сместувачки капацитет се студентскиот дом „Гоце Делчев“ со 1216 легла, и новиот реконструиран дом „Стив Наумов“ со 1014.

Инаку, во мај годинава по скратена постапка беше донесен новиот Закон за студентски стандард, а по неполни два месеци подоцна, во јули, во Собранието беа предложени нови измени. Со првичните измени на законот беше воведена и поделба на студентските домови на Тип 1 и Тип 2, а се редефинираше и системот на студентски стипендии.

Според сегашниот објавен конкурс на МОН, студентите сместени во државен студентски дом од Тип 1, односно во реконструираниот „Стив Наумов“, ќе плаќаат 6.600 денари месечно, додека Министерството ќе субвенционира 40 отсто, односно 4.400 денари од вкупната цена од 11.000 денари. За студентите сместени во домовите од Тип 2, како и во приватните студентски домови со кои Министерството има склучено договор, студентите ќе плаќаат 3.410 денари, а 50 отсто ќе покрива Министерството од вкупната цена од 6.820 денари.

Телма се обрати до МОН во врска со новата разлика на цените за сместување во домовите. Оттаму одговорија дека партиципацијата која ја плаќаа студентите за сместување во домовите изнесуваше 3400 денари на месечно ниво. Таа цена е непроменета повеќе од две децении, период во кој пак драстично се променети цените на дериватите, струјата, водата и зголемени се сите други режиски трошоци.

„Домовите функционираа по неодржлив модел на финансирање, кој всушност ги доведе во состојба каква што се сè уште дел од нив. Многу трошоци, а недоволно средства ниту за исплата на плати на вработените, со оглед дека од партиципацијата се исплаќаа плати. Од друга страна и Државниот завод за ревизија во ревизорските извештаи неколку години упатуваше на промена на моделот на финансирање и промена на цените, а претходните раководства на МОН не постапуваа. Сега се постапува. МОН ќе ги преземе платите на вработените. Ќе се исплаќаат од буџетот на МОН, со што ќе се намали товарот врз партиципацијата која ја плаќаат студентите. Одлучивме да ги категоризираме домовите – два модела. Модерни и нереновирани. Цената во вторите е останата иста – тоа е СД Гоце Делчев, каде условите се сосема пристојни. Цената во модерните – тоа е Стив и наскоро Кузман, се зголемува за нешто над 3000 денари. И потенцираме – тоа се средства кои остануваат исклучиво за подобри услови во домовите“, стои во одговорот на МОН до Телма.

Од министерството дополнително се наведува дека е груба манипулација поделбата на домови за „сиромашни“ и за „богати“, особено кога државата спроведува огромен проект за целосна реконструкција на сите студентски домови.

Претходно Јаневска преку „Фејсбук“ статус ги демантираше наводите во врска со надоместокот кој го плаќаат студентите во студентските домови.

„Манипулации се и информациите во врска со надоместокот кој го плаќаат студентите за сместување во студентските домови. Во ниту еден член во предлог законските измени не е наведена партиципацијата која ќе ја плаќаат студентите, за да се прејудицира дека таа ќе биде поголема од постојната. И партиципацијата, како и студентските стипендии се утврдува на годишно ниво со Програмата“, стои во објавата на Јаневска од 19.05.2026г.

Во дополнителните измени на законот за студентски стандард е предвидена старосната граница на студентите за сместување во студентските домови која не треба да биде над 30 години, како и на дисциплинските постапки за студентите, ако ги прекршат правилата за домување. Како потешки повреди, покрај внесување и употреба на алкохол и наркотични средства, неплаќање на трошоците за сместување, предизвикување материјална штета и поттикнување национална или расна нетрпеливост.

Минатата недела министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со еврокомесарката Марта Кос и вицепремиерот Беким Сали, го посетија реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“. Јаневска тогаш информираше дека преку Германската развојна банка и Регионалниот центар за енергетска ефикасност се обезбедени 86 милиони евра за реконструкција на девет студентски домови и седум ресурсни центри за ученици со посебни образовни потреби.

Теа Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк под чад кој се шири од пожарите во Канада

Sasko Dimovski

Англија ќе воведе забрана за продажба на енергетски пијалаци на лица под 16 години од април во 2027 година

Sasko Dimovski

ЕУ назначи Словенец за „помирување и нормализација“ на Западен Балкан

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе