Во Галичник денеска се одржа традиционалната Галичка свадба, една од најзначајните манифестации што го негуваат македонското културно наследство. Годинашни младоженци се Александар Пендароски и Мартина Михајлова, кои се венчаа во црквата „Свети Петар и Павле“, следејќи ги сите свадбени обичаи што со векови се негуваат во мијачкиот крај.
На свеченоста присуствуваа бројни гости од земјава и од странство, кои имаа можност да бидат дел од оваа автентична прослава на традицијата. Галичката свадба се одржува секоја година за Петровден и претставува симбол на зачувувањето на македонското нематеријално културно наследство. Покровител на годинашното издание е претседателката на државата.
„Им посакав заедничкиот живот да им биде исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит, а домот со разбирање и детска смеа. Од година во година, манифестацијата привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и од странство, останувајќи еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет“, истакна Гордана Сиљановска-Давкова, претседателката на државата.
Меѓу највпечатливите моменти на манифестацијата беа изведбата на „Тешкото“, поставувањето на свадбеното знаме, бричењето на младоженецот и испраќањето по невестата – обичаи што се пренесуваат од генерација на генерација и ја прават Галичката свадба единствена во регионот.
