Поради сериозниот недостиг од гориво и честите прекини во снабдувањето со електрична енергија, електричните трицикли станаа главното превозно средство во кубанската престолнина Хавана. Возилата, кои одамна се присутни во земјата, денес претставуваат клучна алтернатива за превоз на патници и стока, во услови кога јавниот превоз речиси целосно е парализиран.
Улиците на Хавана се исполнети со електрични трицикли што секојдневно превезуваат граѓани, намирници и производи за малите и средни бизниси. Иако возењето е бавно, топло и не секогаш удобно, за многумина тоа е единствениот начин да стигнат до работното место или да ги завршат секојдневните обврски.
„Превозот отсекогаш бил тежок, но порано имаше повеќе можности. Сега ова е единствената опција. Ако имате пари, ќе се возите, ако немате – нема да одите никаде“, вели жителката на Хавана Берта Ферер.
Цената на превозот, сепак, претставува дополнителен товар за населението. За патување од околу пет километри, Ферер платила околу 500 кубански пезоси, што е значително повеќе од симболичните два пезоси колку што чини субвенционираниот јавен превоз. Во земја каде што месечните плати во државниот сектор достигнуваат околу 10 американски долари, а во приватниот околу 40 долари, ваквиот трошок е сериозен финансиски товар.

Кризата со горивото дополнително го погоди и електроенергетскиот систем, па прекините на струја се чести и понекогаш траат и до 24 часа. Поради тоа, сопствениците на трицикли сè потешко ги полнат батериите, кои дури и кога се целосно наполнети овозможуваат автономија од околу 100 километри.
Како одговор на овие предизвици, локални работилници започнаа да вградуваат соларни панели директно на електричните трицикли. Инженерот Карлос Алварез, сопственик на работилница специјализирана за електрични возила и соларни системи, вели дека иако инвестицијата од околу 500 долари е висока, таа брзо се исплатува.
„Бараме решенија, а соларните панели се инвестиција која не е евтина, но откако ќе се постават, зависат само од сончевата светлина. Ако има сонце, произведуваат многу енергија и значително помагаат“, објаснува Алварез.
Според него, има корисници кои со денови не ги полнат батериите од електричната мрежа, туку се потпираат исклучиво на сончевата енергија.

Сопственикот на електричен трицикл Лиесер де ла Круз оценува дека ова е најисплатливото решение во услови на сериозен недостиг од гориво.
„Најдобрата опција е да се постави соларен панел на трициклот. Во земјата има сериозен недостиг од гориво, а токму овие возила овозможуваат луѓето да се движат и да се доставува храна до малите и средни претпријатија. Во моментов речиси сè функционира благодарение на електричните трицикли“, вели тој.
Куба веќе неколку години се соочува со длабока економска и енергетска криза, која властите ја поврзуваат со американските санкции. Според официјална Хавана, мерките дополнително се заостриле оваа година, додека Вашингтон наведува дека целта е поттикнување политички и економски промени во земјата.
Во меѓувреме, додека кризата продолжува, електричните трицикли – сè почесто напојувани со сончева енергија – остануваат едно од ретките практични решенија што го одржуваат секојдневниот живот во Хавана.
