Во шок и неверување утринава беа браќата Сефери, кои живеат во склонопадна куќа на штипската улица „Димо Хаџи Димов“. Непознат багерист во пет минути пред четири часот почнал да руши дел од куќата, во која што живеат и за која што пред новинарите трвдеа дека била во сопственост на нивните починати родители. Од ударот на багерот урнат е дел од ѕидот на куќата, или на просторијата која не ја користат.
„Ние спиевме во куќата. Живееме со брат ми. Не разбудија соседите кои почнаа да ни тропат на џамот и ни звонеа на мобилен, викајќи станувајте брзо ви ја срушија куќата… Не е ни од Бога, како што се вели. Удрено е двапати со корпата и право избегал и тоа брзо се деси“, рече Сефери.
Никој не е повреден, а браќата Сефери велат дека од ударот на багерот оштетен е таванот на собата, каде што тие спиеле. На увид на лице место беа и од полицијата и инспектори од општината.
После нивниот увид и на основа на добиените документи од Агенција за катастар, се утврди дека посочениот објект нема сопственик и лицето кое дава изјава пред медиумите, воопшто не располага со документ за негово право на сопственост или користење, велат од општина Штип.
Улицата веднаш ќе биде исчистена од страна на службите на Општината, со цел да се обезбеди пристапност и граѓаните и возачите да немаат проблеми при движењето на улицата.
Викторија Јованова
