Од 1 август лекот Фостер ќе може да се земе без доплата. Ова денеска го соопшти Министерството за здравство, по реакциите во јавноста дека во аптеките не е достапен заменскиот лек „Блоцета, а пациентите се принудени да плаќаат повеќе од илјада денари за „Фостер“.
- Министерството за здравство е известено од компанијата која е носител на одобрението за ставање во промет на лекот ФОСТЕР што се наоѓа на позитивнатa листа на лекови, дека овој лек повторно ќе биде достапен зa пациентите без доплата, во најскоро време.
Недостигот на лекот предизвика и политички реакции. Откако претходно реагираше Левица, денеска обвинувања упати и опозициската СДСМ. Од партијата велат дека Владата ги излажала пациентите, бидејќи „Фостер“ поскапел, а ветениот бесплатен генерички лек се уште не може да се најде во аптеките.
- Фондот им вети на пациентите бесплатен генерички лек како замена за лекот „Фостер”. А, сега ниту тој генерички лек кој на рецепт е бесплатен, според информациите кои стигнаа до нас, се уште го нема во аптеките. Ова е бесрамно поигрување со здравјето на хронично болни пацинети чие здравје зависи од овој лек. Тотален хаос, негрижа и неодговорност! – Богданка Кузеска СДСМ.
Пациентите со астма и хронична опструктивна белодробна болест деновиве реагираа дека заменскиот лек „Блоцета“ го нема во аптеките. Поради тоа, околу 10 илјади пациенти во моментов се принудени да го користат само „Фостер“, кој по последните измени на Фондот за здравствено осигурување чини повеќе од илјада денари.
Симона Петровска
