Малото рибарско село Варена на езерото Комо во Италија воведе казни до 200 евра за туристи кои се шетаат разголени или во костими за капење на јавни места. Тоа е најнов потег на една италијанска туристичка дестинација во борбата против непримерно однесување на посетителите, објави „Гардијан“.
Локалните власти на Варена, село со околу 650 жители, се принудени за воведување на новите правила поради сè поголемиот прилив на туристи. Целта е зачувување на изгледот на селото и осигурување на мирот за локалното население. Затоа се забранува шетање низ Варена без маичка или во костим за капење, носење на предмети кои се дозволени само на плажите крај езерото или за време на излет со брод.
За лицата кои ќе ги прекршат правилата, се воведени казни од 50 до 200 евра. Згора на тоа, туристичките тури се ограничени на 25 лица, а на водичите им се забранува користење на микрофон.
„Варена е преубаво село и горди сме што секоја година сме домаќини на стотици илјади посетители од целиот свет. Но, квалитетот на живот на нашите жители не може да биде жртвуван поради масовниот туризам“, порача градоначалникот, Мауро Манцони.
Новите правила се чини дека добро се прифатени од жителите на Варена, особено кодексот на облекување.
„На плажа можете да правите што сакате, но кога шетате и влегувате во продавници, ресторани, цркви или на плоштадот, мора да бидете пристојно облечени“, изјави сопственик на продавница за TGCom24.
„Време беше. Ова е разумна мерка. Сега е важно да се осигураме дека се спроведува“, се надоврза друг жител на Варена.
