Левица нуди излез од политичката криза предизвикана со Изборниот законик. Предлагаат компромис за тврдите позиции на власта околу гласањето на дијаспората и воведување на една изборна единица. Ги повикаа СДСМ да не го кочат процесот и ги обвинија дека, со неучеството на лидерската средба и напуштањето на работната група за Изборниот законик, ги ослабнале позициите на опозицијата.
- Нашиот предлог за компромис е, да се најдеме на пола пат со ВМРО ДПМНЕ, да се овозможи гласање по пошта на дијаспората за претседателските избори, а за возврат опозицијата да добие една изборна единица. Ова е моментот кога нашето општество треба да ја добие реформата, изјави Амар Мециновиќ, пратеник од Левица.
Социјалдемократите немаат намера да отстапат од ставовите, што ги прави слаби шансите опозициските партии да настапат со заедничка позиција во разговорите за изборните реформи, како што побараа од нив од владејачката ВМРО ДПМНЕ.
Бараат владата да ги повлече предлозите за гласање на дијаспората и да достави нов предлог каде ДИК со консензус би го регулирале гласањето на дијаспората.
- „Владата категорично одбива ДИК со консензус да ги регулира овие процедури. Ако целта им е фер избори, зошто бегаат од механизми за контрола и доверба во процесот?„, прашуваат од СДСМ.
Од ЛДП апелираа да не се дозволи ниту едно евро предвидено за Македонија да биде блокирано поради внатрешно политички калкулации и политичка неспособност за изнаоѓање компромис.
- „Владата веднаш да престане со политички игри да провоцира блокада на измените на Изборниот законик кои се чисто технички. Бараме уште денес, преку Министерството за правда, во Собранието да се поднесат овие измени на изборните правила кои се побарани од Европската Унија, тие веднаш да се стават на гласање и да се усвојат со консензус пред да замине комесарката Марта Кос„, бараат од ЛДП.
Што се однесува до суштинските политички измени во изборниот модел, ЛДП бара дијалогот меѓу партиите да продолжи веднаш по заминувањето на комесарката, со цел да се донесат правила кои ќе значат поголема правичност: една изборна единица и отворени листи.
Истите барања ги имаат и од ДУИ, но со изборен праг од 5 проценти од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список.
Од ВМРО ДПМНЕ го повторија барањето, опозицијата да се договори меѓу себе, а тие ќе прифатат се.
Во меѓувреме, во собраниска процедура се наоѓаат околу 13.500 амандмани поднесени од СДСМ и Левица. Доколку политичките партии постигнат договор за текстот на Изборниот законик, овие амандмани би биле повлечени, со што би се деблокирала постапката за негово усвојување.
Далиборка Демјанска
