Мерки на претпазливост за тројцата осомничени за напад на 14-годишното момче во Ченто бара обвинителството. Тие засега се гонат за насилство врз дете родено во 2011-тата година.
ЈОРСМ: „Според првичните сознанија, на 22 јуни осомничените учествувале во насилничките дејствија кон малолетникот, го удирале со тупаници и клоци и му нанеле расекотини со нож по телото”.
Сѐ уште не се знае мотивот за нападот, а во зависност од вештачењата и другите дејствија кои се преземаат за расветлување на случајот, како и доказите, обвинителството доколку смета може да ја промени квалификацијата на кривичното дело кои им се става на товар на осомничените.
- Предложените мерки вклучуваат: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат кај службено лице, привремено одземање на пасош, забрана за посетување на местото на нападот и забрана за приближување или воспоставување какви било контакти со оштетеното дете и со неговите родители. МВР кривичната пријава ја поднесе во петокот, 11 дена по трагичниот настан.
Двајца од осомничените се на 19-годишна возраст, а еден има 23 години. Ножот со кој беше извршен нападот полицијата го пронајде и го прати на вештачење.
Мајката на жртвата, Џељана Селими, пред неколку дена во изјава за Телма изрази сомнеж дека институциите сакаат да го заташкаат случајот, а сторителите треба да одговараат за обид за убиство.“
Марија Митевска
