Вести Македонија Најважни

Ја нарекуваат „платформа на Мицкоски“ – СДСМ „распали“ по иницијативата „12:05“ која бара промени во партијата

Со две нови соопштенија, партиската служба за односи со јавност на СДСМ ја критикува иницијативата „12:05“ во која членуваат и двајца пратеници. Од иницативата нема официјална јавна реакција, иако членови на групата за Телма велат дека реакциите биле очекувани, затоа што актуелното раководство е алергично на различно мислење.

СДСМ, пак, со остри соопштенија го осуди јавниот настап на поранешниот партиски функционер Андреј Петров, тврдејќи дека тој не може да реформира, бидејќи како лидер на изборен штаб во првата изборна единица на последните избори 2024-та, СДСМ го доживеала најголемиот пораз.

Уште поостро е второто соопштение со кое иницијативата се нарекува „платформата на Мицкоски против СДСМ“.

„Учесниците во оваа иницијатива, дел од старата и новата УДБА, луѓе кои ја доведоа партијата до историски најниска поддршка и кои сега соработуваат со ЗНАМ и други партии. не се реформатори. Тие се политички опортунисти кои, откако не успеаа да ја урнат СДСМ одвнатре, сега се обидуваат да го направат тоа однадвор, во сервис на истата власт против која наводно се борат“, се наведува во соопштението на СДСМ. 

Но, во иницијативата има и две пратенички од пратеничката група на коалицијата „За европска иднина“, Славјанка Петровска од СДСМ и претседателката на ЛДП, Моника Зајкова. Петровска, според фотографиите на кои се подготвуваат 10.000 амандмани за Изборниот законик, била со пратеничката група на СДСМ, а ден подоцна се појави и на средбата во хотелот „Лимак“ на Иницијативата „12:05“.

Вели дека не сака да коментира и преку својот вчерашен ФБ статус потсетила на нејзините реформски иницијативи, меѓу кои и зголемената независност на локалните партиски организации. Петровска била и на координацијата на пратеничката група во петокот на кој биле договарани наредните парламентарни опозициски активности.

Друг претставник на Иницијативата вели дека нема да влезат во пинг понг со соопштенијата на матичната партија и дека нивната иницијатива била наменета за партиското членство, симпатизерите и опозиционерите, а не за раководството.

Новонастанатата ситуација ќе се разгледува на извршниот одбор на СДСМ во текот на неделата, но тој орган нема овластувања да разреши некој од членството во партијата и партиските претставници негираат такви шпекулации.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Синдикатите и директорката на УЈП седнаа на иста маса по најавениот па откажан протест

Tea Dimkovska

В среда омаж за Војкан Јовановиќ

Дејан Дејан

Новата А-интегрирана дозвола за УСЈЕ ќе биде по новиот, построг, закон, најави министерот Хоџа

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе