Украинските воздухопловни сили соопштија дека поради „сериозен недостиг“ на ракети-пресретнувачи, ниту еден од 23-те балистички проектили кои Русија ги истрела кон Киев во текот на минатата вечер не биле соборен.
Најмалку 12 лица загинаа во вториот голем руски напад врз украинскиот главен град во рок од една недела, додека уште три лица биле убиени во поширокиот регион на Киев, соопштија службите за итни случаи.
Ова беше уште една ужасна ноќ за жителите на главниот град на Украина, проследена со силни експлозии и татнежот на украинската противвоздушна одбрана.
„Само што се подготвувавме да легнеме кога се огласи сирената за воздушна опасност. Му реков на моето дете да оди во засолниште, но таа рече: „Нема да одам.“ Можам да кажам дека буквално морав да ја натерам. Штом излеговме надвор, сè почна да паѓа. Успеавме да стигнеме до засолништето. Ударите беа толку силни што прашина почна да паѓа врз нашите глави и внатре во засолништето. Потоа ни кажаа дека нашата зграда е погодена и дека можеби повеќе нема да имаме дом. Се вратив самата да се уверам“ – изјави 45-годишната Тетјана Лебедјева, жителка на Киев.
„По ударот, зградата почна да се урива. Сè паѓаше. Водата почна да тече насекаде, а имаше и чад. Службите за итни случаи почнаа да ги евакуираат сите. Потоа следуваше втор удар. Првиот беше околу 2 часот по полноќ, а околу пет минути подоцна имаше уште еден“ – рече 61-годишната Халина Иванивна, исто така жителка на Киев .
Денеска е видливо уништувањето во Киев. Три големи станбени згради во градот делумно се урнати, а некои биле директно погодени од ракети.
Спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до луѓето кои се заробени под урнатините. Најмалку 49 лица се повредени во Киев, додека уште 16 во поширокиот регион.
По нападот, украинскиот претседател изјави дека украинската војска успешно ги пресретнала крстосувачките ракети и дроновите, но не и балистичките ракети.
Тој предупреди дека Москва ќе продолжи да ги гаѓа станбените објекти сè додека ракетите Патриот за противвоздушна одбрана „останат во залихите на нашите сојузници“.
Н.И
