Лошо планирање на приходната страна на крајот ќе резултира со нов долг на грбот на стопанството и граѓаните, прогнозираа од СДСМ на денешната седница за ребаланс на буџетот. За нив, ребаланс за само шест месеци од носењето на буџетот значи дека првичниот план не бил добар: проектиран е на оптимистички проекции, а приходите се вештачки напумпани.
„Денес се соочуваме со реалноста :целосно погрешно и манипулативно проектирање на приходната страна и безмилосно зголемување на расходите. Епилогот е ново енормно задолжување што оди директно на грбот на граѓаните и на компаниите“, рече во дискусијата Митко Трајчулевски, пратеник од СДСМ.
Опозицијата има забелешки и дека, се кратат средства за демографски проекти, за младите, борбата пртив семејното насилство и социјалните мерки. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го бранеа ребалансот со аргументите дека, бројките се темелат на реални економски показатели кои ќе го подобрат животниот стандард.
„Вкупните приходи се проектирани на ниво на 379,5 милијарди денари, односно зголемувањето е за 4,5 милијарди денари или раст од 1,2 проценти во однос на првичниот буџет. И ќе се запрашате како стигнавме до овие бројки? Не со притисоци, туку со системска борба со сивата економија и одговорна наплата“, изјави Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од власта негираат дека се прави ребаланс затоа што нема пари, како што вели опозицијата. Апелираа граѓаните да не потпаѓаат на паушални констатации и да бидат спокојни.
На ребалансот се поднесени 224 амандмани за кои ќе се расправа по завршување на општата расправа.
Далиборка Демјанска Цветановска
