Вести Македонија Топ вести

На Барутана ќе се градат приватни домови ама помалку од претходниот ДУП – велат од Општина Центар по обвинувањата од „Шанса за Центар“

Се е согласно законот, тврдат од општина Центар по обвинувањата  дека незаконски ќе се зголемува ДУП-от за локалитетот Барутана на Водно, а ќе се намалела и површината за домување на атрактивната локација. За предупредувањата од Шанса за Центар дека ќе се направи ново ерозивно подрачје на падините на Водно, од општината коментираат дека предвидени се градежни ограничувања на локалитетот.

На локалитетот Барутана на Водно ќе се гради во поголем обем отколку што во моментов е предвидено со ГУП-от, но од Општина Центар велат дека се е согласно законот и оти вкупна изградена површина за домување ќе се намали. Ова е одговорот кој за Телма го дадоа од Општина Центар на обвинувањата кои стигнаа од советничката група на Шанса за Центар дека незаконски ќе се зголемува обемот на ДУП-от за локалитетот Барутана, што од Општината го отфрлаат како неточно.

„Обемот на градење што се предвидува за приватно домување ги надминува параметрите на ГУП-от и тоа е дозволено кога за предметниот локалитет има историјат на урбанистичко планирање во последните 25 години. Меѓутоа, споредбено со претходниот детален урбанистички план, каде за намена домување била предвидена вкупна развиена површина од 43.429 м², со Предлог-нацрт деталниот урбанистички план направено е сериозно намалување, со што вкупната изградена површина изнесува 29.459 м², односно направено е намалување на намената домување за 33 проценти“, стои во одговорот на Општина Центар.

За наводите на Шанса за Центар дека новиот ДУП за Баратуна создава ризок од создавање на ново ерозивно подрачје над Скопје и пропаѓање на земјиштето на падините на Водно од Општината велат дека се предвидени градежни ограничувања на локалитетот.

„За да не се јават повеќе подземни нивоа поради стрмниот терен, направено е ограничување во текстуалните одредби дека е дозволено само едно подземно ниво, дополнително ограничено со подземна градежна линија, со цел да се избегнат обрушувања и доближувања на соседни конструкции“, стои во писмениот одговор од Општина Центар.

Од таму велат дека во нацртот на ДУП-от изземен е и поткровниот простор, односно ќе биде дозволено само, приземје и два ката без поткровје, а направено е и ограничување на максимално дозволениот процент на изграденост на градбите на максимум 40 проценти. Со огле дека станува збор за контактна зона со заштитеното подрачје Водно, Општината побарала 40 проценти зеленило, наместо законски предвидените 20 проценти.

Приватната фирма на чија иницијатива се прави нацрт ДУП-от за Барутана, ДГПУ „Лутарико“ ДОО Скопје, во сопственост на Момир Симиќ и Ѓорѓи Вуков. Компанијата „Лутарико“ е сопственик и на фирмата „Вел Сити Груп“ од Велес, заедно со „Пододекор“ од Велес. Инаку Ѓорѓи Вуков е сопственик и на „Линк медиа груп“ која во минатото добиваше тендери за новогодишното украсување на Скопје.

Од Општината наведуваат дека со предлог ДУП-от не се урбанизира ново подрачје, туку станува збор за локалитет кој бил предмет на планирање на ниво на ДУП повеќе од 25 години. Од таму наведуваат дека ДУП-от за овој локалитет од 2014 година лани бил укинат од Уставниот суд поради процедурални прични и оти законска обврска Општината е да ги усогласи ДУП-овите со ГУП.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Aпсурди во МЕПСО: Казнета фирма е наградена со проект за енергетско поврзување со Албанија, велат од ДУИ

Дејан Дејан

Пожарникари – доброволци на терен, без дневници и пари за опрема и возила

Дејан Дејан

Предложени мерки за претпазливост за тепачите на малолетник во Ченто

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе