Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлог до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за определување мерки на претпазливост за три лица осомничени дека во парк во Маџари извршиле насилство врз дете родено во 2011 година.
Според првичните сознанија, на 22 јуни осомничените учествувале во насилничките дејствија кон малолетникот, го удирале со тупаници и клоци и му нанеле расекотини со нож по телото.
Предложените мерки вклучуваат – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница, забрана за посетување на местото каде се случил кривично-правниот настан, забрана за приближување или воспоставување какви било контакти со оштетеното дете и со неговите родители, соопшти ОЈО Сјопје.
Во меѓувреме, продолжуваат да се вршат вештачења на пронајдени траги и се преземаат други дејствија за прибирање докази.
Телма објави дека двајца од осомничените се на 19 годишна возраст, а еден има 23 години. Ножот со кој беше извршен нападот полицијата го пронајде и го прати на вештачење. Осомничените беа приведени и со нив бил извршен службен разговор, а сега се на слобода.
Се уште не се знае мотивот.
Мајка на жртвата Џељана Селими пред неколку дена во изјава за Телма изрази сомнеж дека институциите сакаат да го заташкаат случајот, а сторителите треба да одговараат за обид за убиство.
