Спорт Фудбал

ФФМ не попушта пред Шкендија: Уцените нема да влијаат врз одлуките

Фудбалската федерација на Македонија жестоко ѝ одговори на Шкендија по синоќешното соопштение и заканите за повлекување на спонзорот од клубот, доколку не биде ревидирана казната што ја изрече Дисциплинската комисија по случувањата во финалето од Купот. Од Куќата на фудбалот порачаа дека не работат под притисок и уцени и дека ниту еден клуб не е над правилата.

Шкендија синоќа објави соопштение во кое јасно стави до знаење дека не се согласува со казната што ја доби од Дисциплинската комисија. Од тетовскиот клуб се заканија дека спонзорот ќе се повлече од клубот и од македонскиот фудбал воопшто, ако итно не биде преиспитана, како што ја нарекоа, „скандалозната одлука“.

Од Фудбалската федерација на Македонија денеска одговорија со ново соопштение.

„Никакви уцени, притисоци или закани нема да ја поколебаат Фудбалската федерација на Македонија во намерата да стави крај на дивеењето на трибините, без разлика од кого доаѓа. Почитувањето на противникот, навивачите, законите и државните симболи е обврска за сите и нема да има исклучоци. Правилата мора да важат подеднакво за секој клуб, секој поединец и секој субјект во македонскиот фудбал“, се вели во соопштението на ФФМ.

Од Куќата на фудбалот додаваат дека евентуалното повлекување на спонзорот е деловна одлука на клубот, но дека никој не треба да очекува дека со такви пораки ќе влијае врз одлуките на федерацијата и нејзините органи. Од ФФМ потенцираат дека правилата се исти за сите клубови, без разлика на финансиската моќ или влијанието на спонзорите.

„ФФМ нема да носи одлуки под притисок, ниту ќе дозволи уцени да влијаат врз работата на нејзините органи. Сите клубови се важни за македонскиот фудбал, сите имаат свои заслуги и сите заслужуваат почит. Но, никој не е над правилата“, стои во реакцијата на федерацијата.

За потсетување, Дисциплинската комисија на ФФМ во средата ѝ изрече казна на Шкендија во вкупен износ од 105.000 евра поради низа прекршоци за време и по завршувањето на финалето од Купот на Македонија против Силекс. Тетовци дополнително се казнети и со исфрлање од Купот за следната натпреварувачка сезона.

Финалето го доби Силекс со 1-0, а по натпреварот фудбалерите на Шкендија одбија да ги примат медалите. Дополнително, беше исвиркана македонската химна, имаше националистички навреди, како и транспарент со нацистичка содржина, за кој Шкендија сезонава веќе беше казнета од УЕФА.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Одбојкарите вечерва против Холандија ја почнуваат Европската лига

Sportska Redakcija

Славески со нова победа во БКФЦ: Македонецот повторно во игра за појасот (ВИДЕО)

Sportska Redakcija

Македонија на 69.место на ФИФА ранг-листата

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе