Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ на Телма ТВ, најави серија реформи и засилени контроли во сообраќајот. Тој се осврна на ефикасноста на системот со камери, безбедноста на мотоциклистите, како и на растечкиот проблем со електричните тротинети.
Одговарајќи на забелешките дека сегашниот систем на камери не ги препознава странските регистарски таблички, Тошковски истакна дека се работи на целосна имплементација и надградба.
„Дали камерите регистрираат странски таблици? Да. Дали ќе бидат предмет на казнување? Да. Системот е во фаза на подобрување и граѓаните набрзо ќе видат како ќе се процесираат овие прекршоци. Чуда не сме направиле, но дефинитивно сме подобриле многу нешта,“ изјави Тошковски, додавајќи дека првите видливи резултати во овој дел се очекуваат за околу еден месец.
Министерот сподели загрижувачка статистика за изминатиот месец, каде што од 12 жртви во сообраќајот, дури 5 се мотоциклисти. Тој нагласи дека полицијата ќе дејствува „максимално репресивно“ кон оние кои „дивеат“ по улиците.
„За тројца од загинатите сум сигурен дека не носеле кацига. Ги замолувам сите кои управуваат мотор – секогаш носете кацига! Кацигата не се носи заради другиот, туку заради себе, таа спасува живот,“ потенцираше министерот.
Електричните тротинети се посочени како огромен безбедносен предизвик. Тошковски откри дека веќе се консултирал со голем број амбасадори за искуствата од нивните земји и најави законски измени.
„Овде мислам дека треба да одиме со порадикално решение во дел на забрани, старосна граница за управување и можеби регистрација. Тротинетите се огромен проблем од аспект на безбедност во сообраќајот и се надевам на конкретни решенија во најбрзо време,“ најави тој.
Во однос на новата мерка со која со „Б“ категорија може да се управува мотоцикл до 125 кубици, Тошковски појасни дека ова е одговор на барањата на граѓаните и е во согласност со европските практики (Шпанија, Италија, Грција).
„Дозволивме управување на мотори до 125 кубици за оние кои ги исполнуваат законските услови – соодветна возраст и посетени едукативни часови во автошколите. Сметаме дека ова е добра мерка, под услов да се почитуваат правилата, да се носи кацига и да се вози со пропишана брзина,“ заклучи Тошковски.
Б.С.
