Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавува засилување на мониторинг програмите за квалитет на производите, како одговор на се почестите појави на т.н. „food fraud“ или измами со храна, кои стануваат сериозен предизвик не само во земјава, туку и низ цела Европа.
Светлана Колариќ од АХВ, во гостувањето во емисијата „Директно“ на телевизија Телма, појасни дека Агенцијата работи според повеќегодишни и годишни контролни планови кои се потпираат на детални анализи на пазарот – од количините на откупено млеко и произведено месо, па се до увозот на прехранбени производи.
Како контакт точка на Системот за брзо предупредување (RASFF), АХВ постојано ги следи проблемите со храната што се јавуваат во соседните држави и во Европа. Колариќ истакна дека се прават секојдневни анализи врз основа на кои се одлучува какви контроли треба да се спроведат на терен.
- „Имаме повеќе мониторинг програми – за микробиолошки ризици, за адитиви и слично. Но, за жал, сè уште имаме мал број мостри каде што го анализираме квалитетот. Во догледно време треба да работиме на поголема мониторинг програма токму за квалитетот на производите“, изјави Колариќ.
Главниот фокус на излагањето на Колариќ беше ставен на „food fraud“ – тренд каде што трговците и производителите манипулираат со составот на храната или технолошката спецификација за да остварат поголем профит, при што декларацијата на производот не соодветствува со неговата содржина.
Според неа, на европската „топ листа“ на измами предничат неколку клучни производи:
- Маслиново масло: Сè потешко е да се најде масло чиј состав целосно одговара на декларацијата.
- Мед: Голем дел од медот на пазарот всушност е гликозен сируп, што го потврдиле и досегашните контроли.
- Млечни и месни производи: Чести се манипулациите со ознаките за географско потекло и традиционалните рецептури.
- Зачински билки: Овој сектор исто така ќе биде предмет на помасовни контроли во иднина.
„Измамите со храна веќе не се само локален проблем, туку прашање на кое работат и поголеми истражни институти во Европа, бидејќи станува збор за огромни количини храна и енормни профити“, нагласи Колариќ.
Таа заклучи дека заштитата на потрошувачите бара континуирана будност и проширување на опсегот на контроли, со цел да се осигура дека она што граѓаните го купуваат навистина соодветствува на она што е напишано на етикетата.
Б.С.
