Додека Владата го промовира новиот оперативен план за вработување и најавува мерки за отворање на нови работни места, на страницата на АВРМ можат да се најдат огласи со кои се бараат работници за плата под законскиот минималец кој изнесува нешто над 26 илјади денари.
Директорот на Агенцијата не беше запознаен со овие повици прикачени на страницата на Агенцијата за вработување со која тој лично раководи. Откако се посомнева дека станува збор за може би стари огласи, кажа дека ќе се направи проверка затоа што не може да има плати под минималниот износ.
За овие информации стварно не сум информиран и ќе проверам за што се работи да не се стари бројки во прашање. јасно ми е дека уште се активни но ќе проверам и ќе ви одговориме писмено, изјави директорот на Агенцијата за вработување, Аднан Ејуп
Неговиот колега пак со кој денеска заедно го промовираа новиот оперативен план за вработување министерот за економија Дурмиши пак уверува дека без разлика дали станува збор за постари или понови огласи ќе го повикаат трудовиот инспекторат за да види што се случува.
Од друга страна пак од ССМ кои подолго време бараа минималецот во земјава да биде 500 па и 600 евра сметаат дека е алармантно да се нудат работни позиции под законски пропишаната минимална плата за која велат дека е една од најниските во регионот.
Нашиот апел е итно постапување на Државниот инспекторат за труд кај работодавачите кои објавиле огласи со плати под минималната, во време кога се најавува враќање на младите во земјава, соопштуваат од ССМ
Освен оние за помали примања од минималната, во огласите се забележува дека се бараат и сметководители, машински инженер, директори на продажба, медицинска сестра за минималец или пак нешто над оваа плата.
Изминативе години постојано се зборува за иселување особено на младите во потрага по подобри услови и подобро платени работни места во странство. Од друга страна пак пред извесно време премиерот кажа дека ќе дојде време оние кои заминале од тука дека ќе се враќаат дома.
Надлежните посочија формирана е и работна група која ќе го прочистува списокот на невработени кои се пријавуваат како такви, работат на црно, а земаат социјална помош.
Ирена Чачкова
Б.С.
