Со затоплувањето почна и зачестеното палење на депониите во југоситокот. Градската депонија во Радовиш вчера повторно гореше, но, според тамошните пожарникари, пожарот е подметнат намерно, најверојатно од пиромани. Радовишката територијална противпожарна единица преку соопштение на социјалните мрежи повика да се најдат сторителите.
„Пожарникарите се повикани и од своите домови, а сите расположливи екипи ќе дадат максимум за да го локализираат пожарот и да спречат пироманите да ја постигнат својата цел, создавање немир и изложување на граѓаните на отровни и опасни хемикалии“, информираат од ТППЕ Радовиш.
Деновиве, по којзнае којпат, гореше и депонијата во Босилово. Таа особено ги вознемирува тамошните жители, бидејќи се наоѓа веднаш зад последните куќи од селото и при секое палење темен чад се шири кон населениот дел.
Екоактивистите за оваа депонија, како и за другите кои функционираат на сличен начин, бараат да се прави селекција на отпадот и да се направат прегради во кои ќе се складира различен вид на отпад. Со тоа ќе може да се пресува отпад од ист вид, а оној за кој има пласман и да се продава.
Само во Струмичкиот Регион има околу 100 диви депонии. Во текот на цела година дел од нив се палат од најразлични причини. Меѓу другото и тие се една од главните причини за загадување на амбиенталниот воздух.
Сузана Мицева
