Вести Македонија Топ вести

СДСМ бара референдум и уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ писмени гаранции пред да се отвори Уставот

Уставните измени и европската интеграција, кој блокира, а кој работи за друга држава. Двете најголеми партии од македонскиот политички блок денеска продолжија со меѓусебните обвинувања. За опозициската СДСМ нема ништо спорно доколку Бугарите се внесат во уставот и нема опасност по идентитетските прашања. За владејачката ВМРО-ДПМНЕ само цврсти писмени гаранции се предуслов за евентуални уставни измени.

Лидерот на најголемата опозициската партијата СДСМ, Венко Филипче го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ги лаже граѓаните и повторно побара да се распише референдум.

„Власта има обврска да распише референдум, затоа што нема право да го запре европскиот пат на земјата. Затоа што излажаа дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и никогаш не кажаа дека ќе го блокираат европскиот пат на земјата. Затоа што излажаа дека ќе го вратат името, дека ќе го укинуваат Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство и ништо од тоа не направија. Ги плаши граѓаните дека е загрозен јазикот, идентитетот или некој друга одредница на македонскиот народ, се со цел да не се направи чекорот кој не неси никаков ризик, а тоа се уставните измени“, обвини Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го обвинија Филипче дека работи во корист на Бугарија и премиерот Румен Радев. Само писмени гаранции во форма на заклучоци би биле прифатливи за владеачката партија и порачаа дека чекаат Софија да ги испорача пресудите од Стразбур.

„Уставни измени без јасни, цврти и писмени гаранции во форма на заклочоци од ЕУ, нема да има. Уцени и диктати како што биле прифаќани досега, со новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нема да има. Затоа специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче нека му пренесе на Радев дека додека не видиме испорака од нивна страна, Македонија нема да се помести ниту милиметар од својата политика“, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на опозицијата Венко Филипче денеска беше гостин на седмиот конгрес на НСДП, каде што ја истакна соработката меѓу овие два партии која продолжува и во рамки на т.н. „Фронт за слобода и правда“ кој е отворен за сите политички субјекти и општествени чинители.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Паднати дрвја од невремето во Дојран оштетија возила, натсрешници и кровови

Sonja Petrusevska

Левица: Додека од чешмите во Гостивар течел отров, институциите спиеле

Kristina Kuzmanovski

Возел со 4,35 промили алкохол во крвта, полицијата го фати во Кочани

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе