Власта се плаши од враќањето на поранешниот премиер Никола Груевски и затоа одолговлекува со барањето за негова екстрадиција, обвинува опозицискиот СДСМ. Тие потсетуваат дека поминаа две недели откако новиот унгарски премиер Петер Маѓар ја формираше владата и прашуваат зошто сè уште не се испратени документите за екстрадиција од Унгарија. Обвинуваат дека власта намерно го штити Груевски.
Дали Христијан Мицкоски и Игор Филков ги испратија документите за екстрадиција на Никола Груевски? Зошто се бега од толку едноставно прашање на кое граѓаните со месеци не добиваат одговор за најпознатиот македонски криминалец? Можеби затоа што Мицкоски не го сака враќањето на Груевски, затоа што знае дека тоа директно би ја загрозило неговата позиција во ВМРО-ОКГ, стои во денешното соопштение на СДСМ.
Можноста за екстрадиција на Груевски во Македонија ја навести токму Маѓар во неговиот победнички говор по изборите пред месец и половина. Пред две недели тој ја формираше новата унгарска влада по соборувањето на Виктор Орбан.
Министерството за правда претходно соопшти дека работат на комплетирање на документацијата за да се обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување и оти сите постапки се водат во соработка со надлежните органи на Унгарија. Според неофицијалните информации на Телма, комплетирањето на документацијата е при крај.
На прес-конференција по победата на изборите во Унгарија пред месец и половина, Маѓар навести можна екстрадиција на поранешните полски министер и заменик министер за правда Збигњев Зиобро и Марцин Романовски, како и на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кои добија политички азил во времето на Орбан. Во меѓувреме, Зиобро и Романовски ја напуштиле Унгарија. Зиобро веќе е во САД, а Романовски ја напуштил Унгарија преку Србија.
Веднаш по таа изјава, Министерството за правда соопшти дека ја почнало постапката за прибирање на потребните списи за сите предмети поврзани со Груевски за, по нивна анализа, евентуално да се поднесе барање за негова екстрадиција од Унгарија.
Груевски избега во Унгарија во 2018 за да не лежи затвор и доби политички азил. Македонија досега поднела едно барање за екстрадиција во 2018 година, како и дополнување на барањето во 2019 година, но Будимпешта го одби со образложение дека на Груевски му е одобрен азил, а согласно унгарските закони, човек кој добил азил во Унгарија, не може да биде екстрадиран во државата од која избегал.
За да може да биде екстрадиран, Унгарија прво ќе треба да му го укине азилот.
Срѓан Стојанчов
