Во пожар гореше една од халите на фабриката за текстил во Радовиш, во објектите на поранешниот „Декортекс“. Огнената стихија избувнала синоќа малку после 20 часот и за кратко време почнала забрзано да се шири низ просторот.
Синоќа на социјалните мрежи се појавија бројни видеа од силниот пламен што се издигнуваше високо и беше видлив од повисоките места во градот, предизвикувајќи вознемиреност кај граѓаните.
Првите на терен излегле пожарникарите од Радовиш, но поради брзината со која се ширел огнот, на помош биле повикани и екипи од Територијалната противпожарна единица Струмица, како и доброволното противпожарно друштво „Мантово“. За неколку часа пожарот бил ставен под контрола, а во акцијата нема повредени пожарникари.
Ни јавија околу 20 часот и ние веднаш се екипиравме и излеговме на терен. Онјектот веќе беше во пламен и за брзо увидовме дека ќе мора да се засили интервенцијата за да се спречи ширење кон околните објекти, рече еден од пожарникарите кој учествувал во гасењето, изјави Александар Кулушиќ- командир на ТППЕ Радовиш.
Денес, околината на некогашниот „Декортекс“ е мирна. Пожарот е целосно изгаснат, а опожарениот објект не се гледа од влезот, бидејќи се наоѓа во внатрешноста на комплексот. Од СВР Струмица информираат дека за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, како и инспектор за пожари, а полициските екипи од Радовиш извршиле увид на местото на настанот.
Сузана Мицева
