Ракометарите на Еурофарм Пелистер славеа на гостувањето кај Охрид во дербито на 9. коло од плеј-офот и направија голем чекор кон обезбедување на второто место на табелата. Сепак, работата не е целосно завршена за битолчани, кои во последното коло на домашен терен мораат да го победат и Алкалоид.
Еурофарм Пелистер го одигра најдобриот натпревар во последните месеци и дојде до победа од 25-22 на гостувањето кај Охрид. Битолчани го контролираа резултатот од почеток до крај, а првото полувреме го добија со убедливи 16-10.
Пелистер поведе и со највисоки плус осум, но Охрид одговори со серија од 5-1 и намали на 21-17. Домашниот тим силно притискаше во финишот, но гостите покажаа искуство и квалитет за да ја задржат предноста и да стигнат до конечен триумф од 25-22.
Никола Митревски блескаше на голот на битолчани со 16 интервенции, а Богдан Радивојевиќ беше најефикасен со осум голови. Кај Охрид, Косуке Хасухира постигна пет голови, а Кристијан Пилиповиќ на голот запиша 11 одбрани.
Сега двата тима се израмнети на втората позиција на табелата со по 50 бодови, но битолчани имаат подобар меѓусебен скор, односно подобра гол-разлика во директните дуели. Во последното коло, Охрид гостува кај Тиквеш, а Еурофарм Пелистер го пречекува Алкалоид.
