УЕФА подготвува револуција во репрезентативниот фудбал. Од 2028 година треба да се промени форматот на Лигата на нации, но и системот на квалификации за Европското првенство. Наместо досегашниот модел, европските селекции ќе играат во формат сличен на новите клупски натпреварувања на УЕФА.
Извршниот комитет на УЕФА денеска во Истанбул го одобри новиот концепт за машките репрезентативни натпреварувања, кој треба да почне да се применува по Европското првенство во 2028 година.
Според новата структура, Лигата на нации од сезоната 2028/29 ќе премине од сегашните четири лиги на три лиги (А, Б и Ц) со по 18 репрезентации. Секоја лига ќе има по три групи со шест селекции. Секоја репрезентација ќе одигра по шест натпревари против пет различни противници — дома или на гости против селекции од различни шешири, а дома и на гости против репрезентацијата од истиот шешир. Бидејќи во системот учествуваат 55 репрезентации, Лигата Ц ќе има една група со седум селекции.
Четвртфиналињата, завршниот турнир и баражите за промоција и испаѓање ќе останат дел од форматот без промени.

Промени ќе има и во квалификациите за Европското првенство. Тие ќе добијат нова структура со две лиги наместо досегашните групи. Лига 1 ќе ја сочинуваат 36 репрезентации од Лигите А и Б во Лигата на нации, додека Лига 2 ќе ја сочинуваат преостанатите 18 или 19 селекции.
Во Лига 1 ќе има три групи со по 12 репрезентации, извлечени од три шешири. Секоја селекција ќе одигра по шест натпревари, дома или на гости, против шест различни противници — по два од секој шешир, слично на форматот што веќе се користи во клупските натпреварувања на УЕФА.
Лига 2 ќе се игра по истиот модел како Лигата Ц во Лигата на нации — три групи со по шест репрезентации, односно една група со седум ако има 19 селекции. Домаќините на Европското првенство, иако директно ќе бидат пласирани на завршниот турнир, сепак ќе учествуваат во квалификациите поради нивната позиција во следното издание на Лигата на нации.
Најдобро рангираните репрезентации од секоја група во Лига 1 ќе обезбедат директен пласман на Европското првенство, додека останатите места ќе се пополнуваат преку баражи.
Деталниот формат допрва ќе се доработува и треба да биде доставен на конечно одобрување на следниот состанок на Извршниот комитет во септември.
*Фотографијата е изработена со помош на вештачка интелегенција.
