Вести Култура

Кризата во општеството и во човекот денес- тема на 60. јубилеен МТФ „ Војдан Чернодрински“

 

Прилеп ќе биде домаќин на 60. јубилеен Македонски театарски фестивал „ Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 5. до 12 јуни . Новитет од ова издание, како што кажа на денешната прес конференција уметничката директорка и селекторка на фестивалот, Ана Стојаноска,  е што наградата за најдобра машка улога ќе го носи името на Кирил Ристоски, истакнат македонски актер и долгогодишен уметнички директор и селектор на фестивалот „ Војдан Чернодрински“, роден во Прилеп. Концептот на ова фестивалско издание е тематизиран како „ кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“ , кажа селекторката Стојаноска.

  • Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст. За мене, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на македонските театарски сцени, има одлични примери во независната продукција и ретки исклучоци во институционалната продукција. Затоа концептот за ова издание го подредив на тематот – „кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, рече Стојаноска.

Во официјална , натпреварувачка програма, ќе бидат изведени 10 претстави. „ Мачкина глава“ , по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Драмскиот театар од Скопје, ќе биде изведена на отворањето на фестивалот, на 5.јуни вечерта. А, до крајот на јубилејното издание ќе бидат изведени: „ Амадеус“ од Питер Шефер , во режија на Андреј Цветановски, проект на Турскиот театар од Скопје. „ Едмонд“ од Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски, во продукција на НТ- Битола, „ Ивона- принцезата од Бургунд“, по текст на Витолд Гомбрович, режија на Билјана Радиноска, на Театарот Комедија од Скопје, „ Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, на НТ од Куманово, „ Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев од Бугарија, проект на Албанскиот театар од Скопје, „ Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на театарот од Штип, „ Страв и надеж“, работена по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ – Ригонат , проект на МНТ, „ Црнила од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, во продукција на НТ од Прилеп и „ Челинџ“ од авторот и режисер Јане Спасиќ, на Театарот за деца и младинци од Скопје.

За придружната програма на фестивалот, уметничката директорка Стојаноска селектирала 4 претстави : „ Вилицата на Ибен Бајерс,“ од Филип Грујиќ, режија на Борис Василевски, продукција на независниот театар „ Штрих“, „ Драга Јелена Сергеевна “ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, работена како копродукција на ФДУ- Скопје и МНТ, „ Невиност “ од Деа Лоер, работена како дипломска претстава на студентите од ФДУ, од класата по актерска игра на професорката Зоја Бузалковска и асистентот Александар Степанулески и „ Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „ Златен елец“.

На отворањето , традиционално ќе бидат доделени наградите за животно дело, а во контекст на неговото јубилејно издание, овој пат ќе бидат наградени четири театарски уметници: Атила Клинче,  Сашо Миленковски, Љубомир Чадиковски и Веби Керими.

Во чест на наградените , на затворањето на фестивалот ( на 12. јуни) ќе биде изведен новиот текст на Дејан Дуковски „ Црно злато“, во режија на Оливер Фрлиќ,  во продукција на Белградскиот драмски театар. Дуковски ќе биде автор во фокусот на ова фестивалско издание, а постери од претстави по негови тектови ќе бидат изложени на една од трите планирани изложби. На втората ќе бидат прикажани артефакти од 60. годишниот опстој на фестивалот „ Војдан Чернодрински“, а ќе има и изложба посветена на прилепскиот актерски пар Трајче и Лидија Иваноски.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кој создава простор за изборен грабеж, а кој свесно ги блокира реформите – траат партиските препукувања околу Изборниот законик

Дејан Дејан

Буџетот развоен и реален за власта, преоптимистички и со погрешни проекции за опозицијата

Tea Dimkovska

„Да не го напуштаат живеалиштето, да им се одземат пасошите“ – Обвинителството бара мерки на претпазливост за тројцата тепачи на малолетник во Ченто

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе