Прилеп ќе биде домаќин на 60. јубилеен Македонски театарски фестивал „ Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 5. до 12 јуни . Новитет од ова издание, како што кажа на денешната прес конференција уметничката директорка и селекторка на фестивалот, Ана Стојаноска, е што наградата за најдобра машка улога ќе го носи името на Кирил Ристоски, истакнат македонски актер и долгогодишен уметнички директор и селектор на фестивалот „ Војдан Чернодрински“, роден во Прилеп. Концептот на ова фестивалско издание е тематизиран како „ кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“ , кажа селекторката Стојаноска.
- Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст. За мене, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на македонските театарски сцени, има одлични примери во независната продукција и ретки исклучоци во институционалната продукција. Затоа концептот за ова издание го подредив на тематот – „кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, рече Стојаноска.
Во официјална , натпреварувачка програма, ќе бидат изведени 10 претстави. „ Мачкина глава“ , по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Драмскиот театар од Скопје, ќе биде изведена на отворањето на фестивалот, на 5.јуни вечерта. А, до крајот на јубилејното издание ќе бидат изведени: „ Амадеус“ од Питер Шефер , во режија на Андреј Цветановски, проект на Турскиот театар од Скопје. „ Едмонд“ од Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски, во продукција на НТ- Битола, „ Ивона- принцезата од Бургунд“, по текст на Витолд Гомбрович, режија на Билјана Радиноска, на Театарот Комедија од Скопје, „ Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, на НТ од Куманово, „ Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев од Бугарија, проект на Албанскиот театар од Скопје, „ Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на театарот од Штип, „ Страв и надеж“, работена по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ – Ригонат , проект на МНТ, „ Црнила од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, во продукција на НТ од Прилеп и „ Челинџ“ од авторот и режисер Јане Спасиќ, на Театарот за деца и младинци од Скопје.
За придружната програма на фестивалот, уметничката директорка Стојаноска селектирала 4 претстави : „ Вилицата на Ибен Бајерс,“ од Филип Грујиќ, режија на Борис Василевски, продукција на независниот театар „ Штрих“, „ Драга Јелена Сергеевна “ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, работена како копродукција на ФДУ- Скопје и МНТ, „ Невиност “ од Деа Лоер, работена како дипломска претстава на студентите од ФДУ, од класата по актерска игра на професорката Зоја Бузалковска и асистентот Александар Степанулески и „ Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „ Златен елец“.
На отворањето , традиционално ќе бидат доделени наградите за животно дело, а во контекст на неговото јубилејно издание, овој пат ќе бидат наградени четири театарски уметници: Атила Клинче, Сашо Миленковски, Љубомир Чадиковски и Веби Керими.
Во чест на наградените , на затворањето на фестивалот ( на 12. јуни) ќе биде изведен новиот текст на Дејан Дуковски „ Црно злато“, во режија на Оливер Фрлиќ, во продукција на Белградскиот драмски театар. Дуковски ќе биде автор во фокусот на ова фестивалско издание, а постери од претстави по негови тектови ќе бидат изложени на една од трите планирани изложби. На втората ќе бидат прикажани артефакти од 60. годишниот опстој на фестивалот „ Војдан Чернодрински“, а ќе има и изложба посветена на прилепскиот актерски пар Трајче и Лидија Иваноски.
Сотир Трајков
