Блокадата на изборниот законик останува. Партиите не ги приближија ставовите, но продолжија со меѓусебните обвинувања – кој создава простор за изборен грабеж, а кој свесно ги блокира реформите. Додека траат препукувањата, со свој став денеска се јави собранискиот спикер Африм Гаши.
Претседателот на Собранието јавно ги повика координаторите на пратеничките групи да ги надминат партиските бариери и да постигнат компромис за изборниот законик.
„Принципиелно и воглавно јас сум за електронско гласање на дијаспората. Дури сум и за тоа да се воведе електронско гласање и кај нас, но тоа е мое лично мислење. Мислам дека треба да се овозможи секој граѓанин кој има право на глас да може да гласа електронски. Тоа е пракса во други држави“ – Африм Гаши.
Опозицијата денеска со нов предлог. Бараат Државната изборна комисија со консензус да го регулира гласањето на дијаспората. Социјалдемократите се на став дека откако не поминал обидот за електронско гласање, сега се форсира гласање по пошта без соодветни заштитни механизми.
- „Предлогот електронското гласање да се замени со гласање по пошта без Државната изборна комисија да има можност со консензус да ги утврдува правилата и механизмите на контрола, не ја подобрува демократијата во изборниот процес. Власта треба да се откаже од овие намери, да се повлече и да достави предлог Државната изборна комисија со консензус да може да го регулира гласањето на дијаспората“ – Богданка Кузеска од СДСМ.
Од Левица порачаа дека копјата треба да се кршат околу прашањето за една изборна единица. Лидерот Апасиев во интервју за „Слободен печат“ вели дека за нив е прифатливо дијаспората да гласа по пошта, но под услов да важи само за претседателските избори и ако премиерот прифати една изборна единица. Од ЛДП пак бараат јавно да се објават сите записници од работната група за измени на изборниот законик. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска стигна одговор до СДСМ и Левица.
- „Со ваквата блокада се доведува во прашање исполнувањето на реформската обврска на државата. Токму затоа и самата Европска Унија повика на консензус и на навремено донесување на изборниот законик. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека изборниот законик треба да биде донесен со широк политички консензус во интерес на државата, реформите и обезбедувањето на можноста македонската дијаспора да го оствари своето право на глас по електронски пат,“ вели Валентин Манасиевски – Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Извори од мнозинството брифираат дека утре повторно ќе се одржи средба на работната група. Ова тело кое работи на реформи на изборниот законик беше формирано на 3-ти март годинава. На четири месеци пред истекот на рокот, првичниот рок за носење на законот беше 30-ти јуни лани. Грејс периодот помина пред шест дена, но власта калкулира дека со евентуално носење до 15-ти јули ќе може да ги побара четирите милиони евра.
Петар Догов
