Ракометниот клуб Вардар утре од 20:45 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје го пречекува Монпелје во рамки на реванш натпреварот од четвртфиналето во Европската лига на ЕХФ. „Црвено-црните“ загубија убедливо со десет голови разлика на првата средба во Франција минатата недела, па сега ги очекува тешка задача да направат пресврт и да се пласираат на завршниот турнир.
Во Монпелје, нашиот тим настапи без двајцата најдобри стрелци, Јака Малус и Дмитро Хориха, но утре тие ќе бидат во составот на Иван Чупиќ. Тренерот на Вардар сака да верува во голем пресврт против францускиот тим, бидејќи во времето кога тој беше играч, во Скопје паѓаа и најголемите европски екипи.
„Мора да се претставиме во подобро светло, мора да веруваме во текот на сите 60 минути, мора да се обидеме да направиме сè што е во наша моќ за да ја надоместиме таа негатива од десет гола. Можеби утре по натпреварот нема да бидеме ни близу. Можеби утре ќе ми речете дека сум будала или дека сме верувале во нешто што во овој момент не е возможно. Но, никој не ни брани да сонуваме, никој не ни брани да веруваме и никој не ни брани, ако ја наполниме салата, здравје Боже, ако моите играчи добијат поддршка каква што јас имав кога бев играч, на пример против Флензбург или против Пик Сегед тука, во борбата за пласман на фајналфор, тогаш сè е можно“, изјави Чупиќ на денешната прес-конференција.
