Нови потресни сведочења за кобната ноќ во „Пулс“ од тројца преживеани посетители. Пожарот се ширел брзо, настанал хаос и стампедо, но и блокада на единствениот излез.
Млада девојка од Кочани сведочеше дека кобната ноќ била во диското со четири другарки од кои две биле малолетни, но влегле без да им биде побарана лична карта. Првото предупредување за пожарот го слушнале од пеачот на ДНК, Панчо, но помислиле дека пожарот може навреме да се изгасне. Кога тргнале кон вратата не можеле да излезат, зашто веќе имало многу гужва и излезот бил блокиран.
„Не се гледаше ништо од чад и имаше чуден мирис. Почнав да губам свест и се сеќавам дека се разбудив во дискотеката, а околу мене имаше други луѓе кои лежеа и не беа при свест. Додека се обидував да станам, слушнав глас како ме повикува да погледнам кон излезот. Станав и се упатив натаму, имаше дупка направена во ѕидот. Ми подаде рака Ивица, излегов и пожарникарите ме преземаа од таму“, рече сведокот Анастасија Илиева.
Друг сведок кажа дека почувствувал силна топлина и видел како саѓи паѓаат од таванот. Тргнал кон главниот влез, но заглавил и паднал. Врз него паѓале и други млади, а тој само лежел и слушал пискотници. Го спасиле од обезбедувањето и пожарникари, дури откако ја турнале вратата од кнауф и пластика.
Трет сведок рече се спасил буквално во последниот момент. Само 10 секунди откако излегол од дискотеката со неговата девојка, се случила блокадата пред излезната врата. Хаотично било и пред дискотеката. Тој се сеќава дека било темно и слушнал пукање, за што претпоставил дека биле светилките. Тој процени дека вечерта во дискотеката „Пулс“ имало меѓу 600 и 700 луѓе.
Последна сведочеше Лета Георгиевска, областна инспекторка за животна средина во Општина Кочани. Во годишниот план за инспекциски надзор за 2022 година бил опфатен кафе-барот „Класик“, и тогаш дознала дека постои и подружница „Пулс“. Кога отишла да направи редовен надзор констатирала дека фирмата „Класик ДМ“ е затворена и не работи. Нов надзор во „Пулс“ немало.
Елена Ивановска Мукоска
